Пуштен во употреба пат до паркот изграден преку ТАВ програмата

142

Во општина Сарај денеска беше пуштен патниот правец 1 кон паркот во општината, во должина од 600 метри, проект реализиран преку програмата ТАВ. Патот е широк шест метри со тротоари од двете страни и со поставени фекална канализација и улично осветлување. Проектот е во вредност од 20 милиони денари, од кои 13 милиони денари се доделени од Владата, а другиот дел од буџетот на Општина Сарај.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека изградбата на патот е првиот проект којшто се заокружува од десетиците што беа предвидени од Програмата ТАВ на ниво на држава. Посочи дека е одлична порака за сите други општини навремено посветено и без пречки да се реализираат сите проекти кои веќе се утврдени и за кои се поделени средства за да бидат реализирани навреме.

– Посебно е задоволство што за неколку месеци е направен овој цел проект што најверојатно ќе влијае во делот на економијата на државата, во делот на реализација на капиталните инвестиции и во делот на подобрена инфраструктура за сите граѓани. Посебно оваа инвестиција ќе влијае во делот на поттикнување на туристи, на посетители, имајќи во предвид дека паркот во Општина Сарај е еден од најголемите во Скопје.Ова е една одлична порака од општина Сарај за тоа како треба да се соработува меѓу локалната и централната власт, да не се стопираат проектите за политички инаети бидејќи тие ќе бидат користени од граѓаните на државата, рече Бектеши.

Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи потенцира дека министерството и Владата ќе продолжат да ги поддржуваат овие проекти за подобар живот на граѓаните, за стабилна, модерна и добра инфраструктура.

Блерим Беџети, градоначалник на Општина Сарај  смета дека патот  е од големо значење за нив, како во делот на туризмот така и за другите активности и планови на општинската администрација, Советот на Општина Сарај и надлежните министерства.