Промовиран романот „Кафез за душата” на тетовскиот писател Јован Дамјановски

202

Свечена промоција на најновиот роман „Кафез за душата” на тетовскиот писател Јован Дамјановски се одржа вечерва во Тетово. За најновиот 16-ти роман пред тетовската публика зборуваа писателите Мишел Павловски и Веле Смилевски, кој воедно е уредник на книгата и автор на поговорот на делото. Романот го претставува животот на тетовка која била на специфична работа во Париз, Франција, во јавна куќа, а потоа во родниот крај се обидува да најде нов пат во животот и да побегне од неморалот во кој живеела.

-Мотивациската структура на делото претставува длабок допир со стварноста на луѓето кои како сенки, незабележително минуваат низ животот. Стожерна точка на романот е верувањето дека главниот лик ќе се оттргне од сеќавањата за промашениот живот, но, за тоа е потребна голема психолошка сила. Се претставува ликот во постојаната борба со објективноста и субјективноста. Авторот нема амбиција да наметне став за смислата на животот, туку остава простор тоа самиот читател да го направи, истакна Веле Смилевски.

Мишел Павловски потенцираше дека авторот Дамјановски во романот го опишува она што секој човек си го прави сам на себе си-односно „си става кафез на душата”.

-Кафезот е конструиран од самата сопственичка на душата, главниот лик мадмоазел Ивон. Ние сами се ограничуваме, ние сами дозволуваме некој друг да не ограничи. Многу интересен дел е прашањето за односот на етиката и лицемерот и отвореноста. Тука мислам дека мајсторски Дамјановски си поигрува во содржината. Главниот лик со храброста како да се спротивставува на наметнатите норми кои сака да ги деконструира и повторно да ги редефинира, рече Павлоски.

Јован Дамјановски ја користи словенската антитеза како стилска фигура во романот.

-Пораката на овој роман е дека сите луѓе, па и Ивана се вградуваат, но и се користат со колективната свест. Таа се обидува да ја најде вината за сопствениот живот. Во филозофска смисла користам толстоевштина, според која, човекот е и добар и лош во зависност само од околностите. Како психолошки роман ја користам аналитичката психологија на Карл Густав Јунг кој работите ги разјаснува поединечно но и како колективна свест. Во моите моите книги, се разбира, ја користам тајното прозорче на тетовската душа и се огледалувам на посебното огледало на мојата душа, рече авторот.

Авторот Дамјановски е роден 1946 година во Тетово и член на Друштвото на писателите на Македонија. Член на Друштвото на писатели на Македонија од 1992 година. Автор е и на книги со раскази, драми и сценарија.