Приоритет на екологијата и енергетската ефикасност

76

Енергетската ефикасност и заштитата на животната средина се еден од главните приоритети изминатите години во работењето на Општина Центар.

– Заложбите на општинското раководство се зголемување на парковското зеленило и зелениот фонд во општината секаде каде што тоа е можно, што е видливо и од досега усвоените планови, каде како обврска, покрај задолжителниот паркинг, се наведува и обврската за вметнување на 20% зеленило во секоја градежна парцела – соопштуваат од Општина Центар.

Оттаму потенцираат дека општината во моментов работи на изготвување проектна документација за поставување на фотоволтаици во сите основни училишта во општината, со што, како што велат, значително ќе им се намалат сметките за струја и греење во зимските месеци, а ќе се подигне степенот на заштитата на животната средина.

– Досега енергетски ефикасни фасади и покриви, покрај новото ООУ „Киро Глигоров“, се поставени во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“, но и во детските градинки „Р.Ј. Корчагин“ – објект Пепелашка, кој беше целосно реконструиран во соработка со Проектната единица на Министерство за финансии и МСИП проектот, финансиран преку Светската банка – посочуваат од општината.

– Зелената еко зона, која се наоѓа на скверот Јадран, а е проект на невладината „Go Green“, многу наскоро ќе биде достапна за користење на граѓаните. На скверот се поставени нови бекатон и гранитни плочки, три нови смарт клупи, обновено е зеленилото и поставена е нова урбана опрема. Заложбите за намалување на загадувањето на воздухот, паметното користење и заштеда на енергија, вклучително и заштитата на животната средина се видливи и од секојдневните активности на општината поврзани со одржувањето на хигиената на уличната мрежа, но и со замената на оштетеното и исушено парковско зеленило, кое е под општинска надлежност – се вели во соопштението на Општина Центар.