Приклучување на Љубанци на градскиот водовод

516

Kвалитетно и трајно решавање на повеќегодишниот проблем со водоснабдувањето во селото Љубанци, ветил градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски на средбата што викендов ја имал со жителите на селото.

– Проблемот со водата овде е приоритет и заедно со градот Скопје мора квалитетно и трајно да се реши. Љубанци беше целосно заборавено во последните четири години, затоа давам збор дека за време на мојот мандат Општина Бутел ќе биде вистински партнер на ова убаво село – напиша на својата фејсбук-страница, Костовски.

Тој за весникот ВЕЧЕР истакна дека се во игра две опции за да се стави крај на маките на жителите. Првата опција е селото да се поврзе со градскиот водовод, додека втората е да се ископаат бунари над селото.

Костовски вели дека според информациите што ги има, поквалитетно е првото решение, односно селото да се приклучи на градскиот водовод, на што и ќе се настојува. На оваа тема Костовски разговарал и со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Чекаме да се оформи новото раководство на ЈП „Водовод и канализација“, за да се остварат средби и да се формираат работни групи, со што би имале посериозен пристап кон ова прашање – изјави Костовски.

Тој очекува тоа да се започне пред Нова година и до крајот на неговиот мандат да се реализира она што ќе биде договорено.

Градоначалникот на средбата со жителите ветил дека Општина Бутел ќе ги асфалтира сите неасфалтирани улички во Љубанци, ќе биде поставена фекална канализација таму каде што нема, ќе се исчисти коритото на реката, а ќе направат детски игралишта и целосно ќе се реновира игралиштето до црквата „Света Богородица“.

– Осветлувањето веќе го средивме, хигиената значително ќе се подобри. Љубанци мора да го добие заслужениот третман – заклучи Костовски.

(А.П.)