Премиерот Ковачевски му додели стипендија на пливачкиот херој Пејчиновски

43

Премиерот на Република Македонија,  Димитар Ковачевски во својот кабинет го прими младиот пливач Марко Пејчиновски, придружуван од директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Ковачевски срдечно му ги честиташе на Пејчиновски досегашните пливачки успеси и упати порака дека Владата преку Агенцијата за млади и спорт ќе продолжи да ги поддржува младите успешни спортисти кои се силни промотори на спортска култура во државата.

Како знак на признание на Пејчиновски кој и покрај ретката болест постигнува извонредни спортски резултати, премиерот Ковачевски на младиот пливач му ја врачи одлуката за стипендија во износ од 200.000 денари, средства обезбедени преку Националната федерација „Спорт за сите”.

Со ова на младиот спортист му беше укажана почит и благодарност за неговиот личен пример на пожртвуваност и високи спортски успеси со кои ја подигна  свеста за лицата со ретки болести.

Неговиот последен спортски успех кој предизвика восхит, е препливувањето на делницата од 64 километри на релација Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид.