Премиерата планирана за идното лето:Најгледаното видео на Јутуб инспирација за анимиран филм

69

Песната „Baby Shark“, која со повеќе од 11 милијарди прегледи е најгледаното видео на социјалната мрежа Јутуб, инспирираше и нов анимиран филм со работен наслов „Baby Shark’s Big Movie“, пренесува Euronews.

Пинкфонг, компанијата зад оваа универзално популарна песна, објави дека премиерата е планирана за летото 2023 година.

Копродукцијата на Nickelodeon Animation и компанијата Pinkfong ќе ја следи приказната за Baby Shark и нејзиното семејство – Papa и Mama Shark – кои доаѓаат да живеат во големиот град Chomp City.

Поради ова, Baby Shark мора да го напушти светот што го сака, па дури и неговиот најдобар пријател Вилијам.

Сепак, тоа не е неговиот единствен проблем – тој мора да се бори со злобната морска ѕвезда Страјана, која сака да му ја украде музичката дарба и да владее со подводната музичка сцена.

Филмот е во режија на режисерот добитник на Еми наградата Алан Форман, пишува Collider.

Компанијата Пинкфонг во ноември 2015 година на мрежата Јутуб ја објави песната „Baby Shark“ и за многу кратко време го „освои светот“.

„Baby Shark“ е многу популарна и на другите социјални мрежи, како што е TikTok, каде што се снимаат деца, тинејџери и возрасни како танцуваат на песната.

Таа ја инспирираше и анимираната серија „Големо шоу на бејби шарк“ на каналите Никелодеон, која доби Еми награда, а неодамна беше потврдена и втората сезона.