„Планета на овците“ е новиот документарен филм во режија на германскиот документарист Марвин Енхолт, реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа Berlin producers и македонската продукција Trice Films.

Филмот ја обработува најсензитивната тема на денешницата – зачувување на природата и негување на природните капацитети на планетарно ниво. Раскажан низ хумор и топлина, овој документарец ја истражува нераскинливата 11 000 годишна врска меѓу човекот и овцата, која според оваа документарна нарација, е животно кое воопшто не треба да биде потценето, нити да се користи за подбив.

Сниман низ различни краеви на светот, од Кина, преку Германија, Сардинија, Македонија, Етиопија, Шпанија и Шкотска, овој филм прави длабока анализа на битноста на постоењето на овцата и нејзината корелација со човекот, во секаква смисла: историска, социјална, економска, научно-истражувачка, митска, епска или архетипска. Би било ли човештвото таму кај што е денес, доколку не би биле овците?

Премиерата на документарниот филм „Планета на овците“ ќе се одржи во сабота, 9 јули, во 20.30ч, во Летно Кино – Кинотека во рамки на фестивалот на европски филм Cinedays. На премиерата ќе присуствуваат режисерот и поголем дел од екипата.

Копродукцијата е реализирана со поддршка на македонската Агенција за филм, а Trice Films е продукција зад која стојат наши значајни документарни филмови, кои имале сериозен импакт во светската документаристика, меѓу кои: „Медена земја“, „Avec L’Amour“, „Плати и жени“…

Со почит ѝ се обраќаме на македонската новинарска и медиумска фела и се надеваме дека дел од нив ќе ја проследат премиерата на филмот.

Влезниците за проекцијата се бесплатни.