Премиера на Битолски театар: „Аудиција“ – првпат на македонската театарска сцена

227

Комедијата „Аудиција“, работена според текст на рускиот драматург Александар Галин, а во режија на Благој Мицевски, е најновата претстава на Народниот театар – Битола, која премиерно ќе се изведе на 14 декември со почеток од 20 часот. Според режисерот Мицевски во претставата се дава одговор на прашањето зошто луѓето остануваат во провинција, дали најчесто од семејни причини или заради работата на која се посветени.

„Овој театарски проект се подготвуваше неколку месеци, но се надевам дека тоа е претстава со подолг живот. Претставата првпат се игра на македонската театарска сцена, и тоа е дополнително задоволство“, истакна режисерот Мицевски.

Драматургот Оливера Павловиќ, пак, ќе посочи дека пиесата „Аудиција“ обезбедува жива комуникација меѓу актерите и публиката, и тоа е една од улогите на театарот што треба да ја одигра во ова време на голема оттуѓеност и живот во некаков виртуелен свет.

„’Аудиција’ многу одговара на нашиот ментален склоп и нашиот стил на живеење. Интерпретацијата на актерите во претставата е многу отворена и овозможува допир со гледачот. Во оваа комедија се крие една силна драма за нашите конфликти, за нашето недоразбирање со самите себе, за нашите желби, но и можности. Приказната е едноставна и апсурдна до смеа или до солзи во зависност од тоа кој како гледа на човечките промашувања за да се разбере самиот себеси, нагласува Павловиќ.

Во претставата ќе настапат актерите: Јулијана Стефанова, Соња Михајлова, Александар Копања, Марија Стефановска, Соња Ошавкова, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Петар Горко и Васко Мавровски.