Предлог-измените на Изборниот законик на дневен ред на 49. седница на Собранието

34
Собранието попладнето го усвои дневниот ред од 49-тата седница, на кој се најдоа три точки: Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, предлог-измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и предлог за именување на член на Советот за статистика на Република Северна Македонија.

Претходно, пратениците Димитар Апасиев и Павле Трајанов побараа од дневен ред да се симне точката Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, но нивниот предлог не беше прифатен.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик предложени од пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Скендер Реџепи, ги образложи пратеникот Јован Митревски.

Тој рече дека предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР поврзан со предвремените избори во 2020 година и оти дошле по повеќемесечна сеопфатна дебата меѓу партиите и работната група на Министерството за правда.

– Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со истите се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции и се подобруваат и се воведуваат нови изборни дејствија и рокови пред сè кои се поврзани од досегашното искуство и пракса при спроведувањето на изборите од страна на Државната изборна комисија, но и кои произлегуваат од воведувањето на нов начин на идентификација на гласачите и делумно нов начин на гласање за советници во општините преку отворени-преференцијални листи на кандидати, рече Митревски.

Со 55 гласа „за“, ниту еден воздржан и против, Собранието го усвои предлогот на Владата по скратена постапка да се донесат измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Овој предлог треба да биде разгледан од Комисијата за економски прашања и законодавната комисија.

Образложувајќи ја потребата за усвојување на предлог-измените и дополнувањата на законот, министерот за економија Крешник Бектеши пред пратениците рече дека со него ќе се поттикне економскиот раст и развој.

-Сметаме дека е значајно да им дадеме можност на компаниите, кои и во 2020 година бележеле загуби, да користат помош од државата, со едноставна цел да ги зголемат нивните капацитети, конкурентноста и нивната продуктивност, не само за домашниот пазар, туку, истовремено, и на регионалниот, европскиот и глобалниот, рече Бектеши.

Собранието го усвои и предлогот за именување на Сали Салиу за член на Советот за статистика на Република Северна Македонија.