Предан и Стојановски засадија дрвца во зоната Марино – Кадино

52

Во работна посета на општина Илинден престојуваше словенечкиот амбасадор Милан Предан кој се сретна со градоначалникот Жика Стојановски, а беше реализирана и посета на локалните економски зони, како и на Средното општинско стручно училиште „Илинден“.

Во локалната економска зона Марино-Кадино каде што во рамките на традиционална еколошка акција за почист воздух „Со зеленило против загадувањето“, Предан и Стојановски засадија повеќе садници.

На средбата градоначалникот го запозна амбасадорот со капацитетите и можностите за инвестирање во повеќе области во општина Илинден, како и со реализацијата на капиталните проекти во делот на комуналната и патната инфраструктура, образованието, детската заштита, културата и заштитата на животната средина. Притоа, се разменија и позитивни искуства применети во општини во Република Словенија, за подготовка, аплицирање и реализација на проекти со користење на средства од ИПА фондовите на Европската унија.

Стојановски ја искористи можноста на гостинот од Словенија да му врачи примерок од ексклузивното издание на монографијата на општина Илинден, со цел амбасадорот подобро да се запознае со историјата и можностите што ги нуди Општината.

– Посетата на амбасадорот Предан е резултат на досегашната долгогодишна успешна и плодна соработка на општина Илинден и претставниците на словенечката амбасада во нашата земја, и воопшто соработката со Република Словенија. Плод на оваа соработка е и изградбата на Средното општинско стручно училиште „Илинден“ во 2012 година, кое чинеше 1,8 милиони евра, каде свој удел имаше и Република Словенија со грант средства во износ од 500 илјади евра, проект што се реализираше преку билатерална соработка со нашата влада – велат од општина Илинден.

Токму затоа, во рамките на престојот во општина Илинден беше посетено средното општинско стручно училиште „Илинден“, при што амбасадорот од својот домаќин беше запознаен со одвивањето на образовниот процес во училиштето, во кое учениците имаат можност да се образуваат во повеќе најсовремено опремени кабинети за струките електротехничар за електроника и телекомуникација и електротехничар за компјутерска техника и автоматика.