„Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема каде глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал успеаја вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза“, посочува Ана Карајанова-Димитрушева, претседателка на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза

Македонскиот краткометражен филм „Роденденски подарок“ е добитник на наградата „Best of show“ на фестивалот за кратки филмови „WRPN.TV Short, Tight and Loose global film festival competition (WSTL)“, информираа од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.

„Ова огромно достигнување на престижниот интернационален филмски фестивал WSTL претставува наша голема радост и задоволство, бидејќи покрај големата конкуренција и бараните и исполнети високи критериуми за учество, нашиот квалитет беше препознаен од страна на ваков реномиран ентитет во филмскиот свет. Оваа награда претставува потврда за нашите заложби и вложен труд, која најмногу од сè ни дава дополнителен мотив за остварување на поголеми достигнувања во иднина, на секое поле, во интерес на лицата со мултипла склероза“, истакнуваат од ова здружение.

„Роденденски подарок“ е прв македонски краткометражен филм за мултипла склероза (МС), кој ја отсликува реалноста и здравствените и социјалните предизвици со кои се соочуваат овие лица во општеството. „Филмот има прекрасен расплет каде секој може да ја почувствува суровата реалност, гордоста и победата. МС е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица“, ќе напише министерот за здравство Венко Филипче на социјалните мрежи.

Инаку, филмот се реализирал во соработка помеѓу Националното здружение за МС и Факултетот за драмски уметности во Скопје, а премиерно бил прикажан во Кинотеката на Македонија во Скопје, во октомври минатата година. Режисери се Коста Марковски и Дејан Јованов.

Десет минутниот филм е снимен на локации во Скопје и е фокусиран на здравствените и социјалните аспекти прикажани низ призма на борбата на главната хероина Јасна со нејзината хронична болест од една страна и отсуството на емпатија од останатите од друга страна. „Филмот прикажува и разработува исклучително чувствителна тема каде глумците, режисерите, сценаристите, камерманите, монтажерите и други несебично се внесоа и не штедејќи го својот потенцијал успеаја вешто да ја отсликаат реалноста и верно да ги доловат предизвиците со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза“, посочува Ана Карајанова-Димитрушева, претседателка на Националното здружение за МС.

Во приказната прикажан е животот на млада девојка, ликовен уметник, лице кое боледува од мултипла склероза. Таа и покрај тешкотиите кои ѝ ги задава болеста со крајни сили се труди да ја исполни задачата за која е ангажирана, храбро борејќи се со исцрпувачките симптоми како резултат на нејзината болест. Кулминација во самата приказна се лошите зборови упатени од страна на Зоран, кои храбро ги дочекува Јасна која истовремено се бори на два фронта – макотрпните симптоми на мултиплата склероза и нималку пријатните зборови на Зоран како работонарачател. Во филмот улогите ги толкуваат студентките на Факултетот за драмски уметности во Скопје Јана Вељановска и Ангела Николовска и актерот Лазе Манасковски.

„’Роденденски подарок’ е едно академско филмче за мултиплекс склероза. Процесот беше несекојдневен бидејќи на снимањето присуствуваа и лица со мултиплекс склероза со свои сугеситии околу целата проблематика и проблемите што ги имаат. Инаку филмот е работен со студенти од ФДУ, кои се сè уште неискусни, но вложија голем труд со нови и свежи идеи поради што и самиот процес на снимање беше релаксиран. Сите беа студенти и ме изненадија со својот талент и прифаќање на забелешките. Јас глумам татко кој на својата ќерка (во филмот) ѝ купува слика. Инаку во филмот, без никакви факти го обвинувам девојчето дека пие, и затоа не ја завршила сликата, што не е точно бидејќи таа има проблеми со мултиплекс склероза со почетна фаза за на крајот на филмот тоа да се дознае. Нешто што е многу непријатно за било кој човек кој неоправдано обвинува“, вели актерот Лазе Манасковски кој посочува дека снимањето и работата со студентите од ФДУ му претставувало интересно искуство.