На седумнаесетото по ред, културно меѓународно биенале Тактонс во Нови Сад, најважниот настан за тон мајсторите од регионот, македонскиот композитор, продуцент и клавијатурист Кокан Димушевски, повторно е добитник на првата награда, во силна конкуренција од преку 120 врвни изведувачи.

Во организација на Радио Телевизизија Војводина, од 6 до 9 ноември, учество зедоа најзначајните РТВ центри од Европа, најдобрите тон мајстори со своите тонски снимки. Кокан Димушевски, за разлика од останатите, го покажа своето повеќедимензионално творештво – не само како тон мајстор, туку и како автор на дело и како изведувач.

Оваа награда за него е петта по ред, односно во изминатите 10 години тој во континуитет е добитник на прва награда или гранд при на ова значајно музичко случување. Тактонс, се одржува од 1983-тата година. На секои две години им овозможува на најуспешните тон мајстори од Европа, професионално вреднување на техничкиот квалитет на звучните записи врз основа на однапред единствено дефинираните субјективни и објективни параметри.

Како најнаградуван продуцентДимушевски беше поканет да одржи работилница и да ги презентира своите достигнувања на полето на креативната примена на современите технологии во областа на радиото и телевизијата. Успехот на овој сестран музичар го вреднуваа и Би-Би-Си и Радио Франција кои му доделија плакети за неговите заслуги на полето на радиофонското обликување.

Пред престижната награда на Тактонс, оваа година Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ на Кокан Димушевски му ја додели и наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“. Истата претставува највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата.