Православните гостиварци го одбележаа празникот „Преображение Господово“ 

93

Православниот празник Преображение Господово во Гостивар годинава се одбележува со литургии и црковно-народен собир.

Празнувањата започнаа со утрена литургија на Свети Јован Златоуст во соборниот храм „Св. Богородица“ со која чествуваше митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, а по причестувањето, митрополитот го благослови виновиот плод – грозјето.

Прославата на празникот продолжи во дворот на манастирот во изградба „Преображение Христово“ во населбата Циглана со црковно-народен собир. Свештениците од гостиварското архиерејско намесништво извршија осветување на водата и грозјето и прережување на славските лебови со благослов за здравје и среќа.

Голем број верници од градот и околните места се собраа во чест на празникот и новото светилиште во изградба, прво кое се гради во градот по речиси еден век. Манастирскиот комплекс започна да се гради пред пет години на иницијатива на локалното население.