Почнува 14. Меѓународна ликовна колонија „Скопје”

92

Во организација на Музеј на Град Скопје, под финансиско покровителство на Град Скопје, денеска во главниот град започна 14-та Меѓународна ликовна колонија „Скопје”. На овогодишното издание учествуваат 10 ликовни уметници од кои, според вообичаената селекција, пет се домашни автори и пет се од странство.

Како што информираат од Музејот на Град Скопје, годинава ќе бидат домаќини на уметници, секој од нив оригинален и посебен според сликарската техника и стилската определба. Од домашните автори учествуваат Маја Рауник Кирков, Маја Стефановска, Трајче Чатмов, Христијан Санев и Филип Фидановски, а од странство гостуваат уметниците Скендер Бедриу од Косово, Ипек Денизли од Северен Кипар, Мариана Абрамова од Украина, Зузана Ардо од Велика Британија и Кацпер Дудек од Полска.

Уметниците ќе ги создаваат своите дела во прекрасниот и инспиративен амбиент на хотел „Арка“, сместен во срцето на Старата скопска чаршија, кој исто така е еден од организаторите на манифестацијата.

Ликовната колонија ќе биде официјално затворена со презентација на создадените ликовни дела на 29 август во 20:30 часот во хотел „Арка“.

Делата создадени од оваа Колонија ќе бидат изложени во рамките на манифестацијата на Град Скопје за одбележување на Денот на ослободување на Скопје – 13 Ноември.