Почна втората Интернационална стрип колонија „Велес 2019“

179

Во живописните спомен куќи на Касапови, бисери на македонската стара архитектура во Велес од денеска до 25 август се одржува втората Интернационална стрип колонија „Велес 2019“

Колонијата ја организира Стрип центарот од Велес, а во неа учествуваат стрип автори од државав, Финска, Словенија, Србија, Хрватска и Грција.

Како што информира Томе Трајков од Стрип центарот-Велес, присутните стрип уметници на колонијата ќе другаруваат и творат стрипови на слободна тема, кои потоа ќе бидат објавени во пригодно издание.

– Искуствата и впечатоците од лански организираната стрип колонија во Велес се повеќе од позитивни. Токму тоа беше поттик, тимот на СЦМ-Велес со уште поголеми амбиции да ја организира колонијата и со уште поголем територијален опсег и учесници, појасни Трајков.

Инаку, македонската стрип сцена ќе биде застапена со автори од разни генерации, кои ќе го развиваат својот талент под менторство на проф.Владимир Весовиќ од Белград, светски признат уметник и основач на стрип школата „Никола Лобачев“ во Белград.

Од Стрип центарот појаснуваат дека согласно досегашните искуства при организирањето на досегашните стрип салони од лани вовеле нов начин на организирање, а активностите опфаќаат интернационален конкурс за стрип, интернационална стрип колонија и дополнителна изложба на стрип во град што дополнително ќе биде избран.