Почина писателот Василе Димески

69

На 75-годишна возраст вчера почина Василе Димески, поет, драмски писател, критичар, есеист, соопшти Друштвото на писателите на Македонија, каде што тој беше член од 2001 година.

Василе Димески е роден во 1946 година во Прилеп, каде што завршил средно образование, а Филозофски факултет, група Историја на југословенските книжевности завршил во Скопје. Паралелно со студиите работел прво како соработник, а потоа и како уредник на културната страница во весникот „Студентски збор“. Кога се вратил во Прилеп се вработил како професор по македонски јазик во електромашинскиот училиштен центар „Ристе Ристески-Ричко“, каде што го поминал поголемиот дел од работниот век.

Димески е автор на поетските книги: „Бакарни ѕвона“, „Изместена земја“, „Сеопшта песна“, „Тука запира сѐ“, „Аксиј сѐ уште тече“, „Градови паѓаат за тебе“, „Немаше град“, „Дрво што оди“, „Не е ноќ дури те памтам“, „Татко мој, татко мој“, „Прикрепи ми ја ракава мајко“, „Седмиот ден“, „Ноќва душава си ја изедов“.

Ги има објавено и драмските книги „Квадратура на кругот“, „Војводата од пусто турско“, „Условен рефлекс“, „Крвавиот ангел“ (со драмите „Страданијата за За-Зо Кулибан“, „Да, Госпоѓо Фирер“ и „Враќањето на За-Зо Кулибан“), како и книгата полемики „Мојата пресметка со нив“.

Добитник е на наградата „Державин“ за стихозбирката „Ноќва душава си ја изедов“ во 2017 година и на диплома „3 Ноември“ на Град Прилеп за достигнување во областа на литературата.