Еден од најдобрите кошаркарски тренери во Европа, Душан Дуда Ивковиќ, почина на 78-годишна возраст. Во богатата тренерска кариера Ивковиќ ги предводеше Раднички, Партизан, Шибеник, Војводина, но и гиганти како Олимпијакос, ЦСКА Москва и Анадолу Ефес. Два пати ја освои Евролигата, последниот пат во 2012 година со Олимпијакос, кога во составот на овој тим играше и нашиот Перо Антиќ.

Беше и успешен селектор, а ја водеше репрезентацијата на Србија од 2008 до 2013 година и за тоа време освои сребро на Европското првенство во 2009 година. Како селектор на Југославија беше исклучително успешен и освои три европски злата, едно сребро, потоа едно злато од Светското првенство во 1990 и сребро на Олимписките игри во Сеул 1988 година.