Последен фестивалски ден на Пивофест во Прилеп

255

Со настапи на повеќе музичари од земјава и соседството, со бројна публика и посетители на штандовите, вечер завршува четиридневниот, 18-ти по ред Пивофест во Прилеп.

Синоќешната, саботна вечер, традиционално, беше најпосетена со илјадна публика која уживаше во забавата и дегустацијата на пенливите пијалаци и вкусната скара. Имаше гости од повеќе градови од земјава, како и нашинците кои живеат во странство. Прилепчани се убедени дека Фестивалот ги исполнува очекувањата. За градот е добро што традицијата продолжува.

Според Пеце Стојкоски од продукцијата „Арт 10“, организатор на Фестивалот, заедно со Општината, и вечер се очекува многубројна публика. Најважно е што протекува во ред, весело и без инциенти.

 

– Задоволни сме како протекува фестивалот кој денеска ја има последната вечер со очекувани илјадници посетители. Иако почнавме поскромно, поради општите состојби, прилепчани и посетителите покажаа дека е добро што се одржува Фестивалот. Годинава, главно, се македонски изведувачи, иако има и од соседството, но тоа не го намалува интересот. Напротив. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме домашните изведувачи и ќе се трудиме да донесеме и од странство, можеби и некои познати светски музички имиња, изјави Стојкоски.

Вечер, на последниот фестивалски ден на главната сцена програмата започнува во 18:45 часот, а настапуваат: Никола Зацевски, Елена Велевска, Миле Кузмановски, Темпера, Меморија, Галија, додека пак на алтернативната сцена ќе настапи DJ Babura Junior.

Синоќа, вниманието на бројната публика го привлекоа: Ламбе Алабаковски, Некст Тајм, Лозано, Суперхикс, Хари Мата Хари и Вера Јанковиќ, додека пак на алтернативната сцена настапија: ROOMMANIA со DJ Mitrik, DJ Alexandar и DJ Dimitr.