Симеон Атанасов е едно од децата кои Есма Реџепова ги присвои како свои биолошки, а кој остана покрај неа до крајот на нејзиниот исполнет живот. Но, животот на Есма за жал заврши токму на 11.12. после кусо боледување пред три години. По тој повод Симеон упати апел до државата Македонија да се среди куќата на скопското Кале која Есма и ја оставила на родната Македонија.

– Кога во 1991 година Стево и Есма Теодосиевски решија да се вратат во Македонија, тука да направат музеј и се што стекнале во нивните долгогодишни музички кариери да и остават на оваа држава, јас паметам дека тогашните власти на Србија со жалење го прифатија тоа. Нивните зборови беа: ,,Ве молиме да не си одите од Белград, ние ќе ви изградиме музеј каде и да посакате”. Сепак на инсистирање на Стево се преселивме во Скопје. И така почнаа проблемите. Сигурно многумина од вас ќе се сетите на големиот наслов “На Водно нема да чука тарабука”.

Не им дозволија да се гради музејот на Водно, иако самите беа инвеститори на се, пари заработени со нас децата кои што исто така имаме допринесено барем по една цигла за тој музеј. Со големи маки им дозволија да се гради на Кале. Додека се градеше ние спиевме во камп приколка две години. Сите деца што беа, во тоа време си заминаа, јас останав бидејќи немав каде одам. Некако се изгради дел од тој музеј, барем некои простории за да се сместиме внатре, но требаше уште многу за да се заврши. Почина Стево, остави еден куп проблеми со кои требаше да се справува Есма, долгови за градба, мајстори, дрвени прозори од кои што дуваше бидејќи беа ставени колку да се каже дека има прозор, итн… Почнавме да работиме и некако се гледаше крајот на таа градба, 860м2 и дворно место 1300м2, не е малку, но сепак не беше се уште се завршено.

Се појави видовитата Клеопатра која што и кажа на Есма: “Сонував дека морам да ти помогнам да го завршиш музејот”. Така и беше. Дојде, се смести во куќата и почна да работи со луѓе и секоја вечер собираше пари кои и ги даваше на Есма. Но, на тие пари не им се знаеше трагата, веројатно дека беа земени од луѓе кои што си имаа своја мака. Помина и тој период, музејот не беше завршен, па еден ден и предложив на Есма да земеме кредит за да го заврши и да го види готов додека е жива, а тоа и се случи. Со 50.000 евра беше веќе при крај, остана само големата музејска сала каде што по некоја си желба на Стево требаше и нивните урни да бидат поставени. Ништо од тоа не се случи и сега после три години откако почина Есма, оваа држава нема никаков интерес за да го заврши тој музеј и да си го земе под своја заштита затоа што по тестаментите на Стево и на Есма тоа припаѓа на Македонија.

И додека се влечеме по судови зградата пропаѓа, таканаречените Реџепови однесоа се што беше вредно, фрлија цела историја во вода, се што е градено со години, веќе не постои. Па, би ги замолил надлежните да ги земат работите во свои раце. Грев е и срамота пред целиот свет што дозволуваат ова да се случува. На крај, само можам да го кажам следново – Мајко, не ви се исполнети желбите – порача Атанасов. -Ќе треба да се исполнат и посебни услови за куќата да може да се прогласи за музеј, предвидени со Законот за музеите и Законот за заштита на културното наследство- порачаа од Министерството за култура уште од лани. Дури и премиерот Зоран Заев изјави дека има проблем околу домот на Есма, кој е отворен и времето го уништува…… Д.М.