Порано МПЦ градеше цркви, денес облакодери, озаконети уставно!

380

Како што објасни градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, комуналиите на инвеститорот „Обновители“ и МПЦ во износ од околу 150 милиони денари му се пресметани врз основа на идеен проект, и истите се веќе легнати на сметките на Град Скопје и општина Центар, по што ќе следи постапка за издавање на одобрение за градење. Поранешната претседателка на Советот на општина Центар, Јана Белчева вели дека порано МПЦ градеше цркви, денес облакодери, озаконети уставно, додека архитектите бараат организирање на граќански референдум за изгласување на модерен парк на местото каде се планирани облакодерите

На повидок е постапка за започнување со градба на висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“. На инвеститорот „Обновители“ и МПЦ, Општина Центар веќе му ги пресметала комуналиите врз основа на идеен проект во износ од околу 150 милиони денари кои што се веќе уплатени. Шеесет проценти од комуналиите се за Градот, додека 40 проценти на Општина Центар.

– Инвеститорот достави идеен проект кој му беше одобрен од Општина Центар, врз основа на што му се пресметани комуналиите. Поголема сума пари се веќе легнати на сметка на општина Центар и најверојатно тоа се парите од инвеститорот за комуналиите, но сепак, за сигурност во текот на неделава ќе знеме дали се тоа тие пари откако ќе го добиеме извештајот од банката – изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар за весникот ВЕЧЕР.

Од Општина Центар велат дека сеуште не е издадено одобрението за градба.

– Откако ќе се уплатат комуналиите инвеститорот е должен да ја обезбеди потполната документација потребна за издавање на одобрение за градба, па дури потоа тој ќе треба да аплицира за одобрение за градба – објаснуваат од Општина Центар.

Поранешната претседателка на Советот на општина Центар, Јана Белчева вели дека порано МПЦ градеше цркви, денес облакодери, озаконети уставно!

– После повеќе од три години посветени до максимум околу небулозите со парцелата наспроти „Холидеј Ин“, еве до каде стигнаа „ Обновители“. Честитки за МПЦ и Зоран Антиќ, за советниците кои во 2012 година го гласаа ДУП-от, за Уставен суд, Горан Сугарески и Државното правобранителство, за општина Центар, секако и за сегашниот министер за транспорт и врски Бочварски, за планерска куќа „ Билд Урбан “, секако честитки и за сите инволвирани кои „ се бореа “ за спас на „Урбанистичкото убиство“ на Скопје, честитки и за Град Скопје. Јавно го повикувам архитектот Мартин Пановски кој го има сработено идејното решение кое му е одобрено од општина Центар да го елаборира – граѓаните заслужуваат да знаат што точно понудил како решение – вели Белчева.

Уставен даде амин за градење на 60-катниците

ДУП „Мал Ринг“ донесен во 2012 година сега е на сила откако Уставниот суд го укина мораториумот за градење кој беше воспоставен од Општина Центар, опфаќа простор од околу 8,7 хектари кој е поделен во четири парцели. При тоа, на трите парцели се предвидени висококатниците, односно згради со приземје и 60 ката, додека на средината ќе биде плоштад.

– Според планот предвидени се две намени: А1 домување и комерцијално деловни објекти, односно трговски центар – потенцираат од Секторот за урбанизам во Општина Центар.

Од Секторот за урбанизам во Општина Центар велат дека веќе го раскинале договорот со планерот кој во неколку наврати одбиваше да ги спроведе забелешките во планот за кој имаше обид да се ревидира и не стигна на одобрување пред советниците.

– Планерот континуирано го нудеше истото решение, не направи никаков обид да се смени концептот – потенцираат од Секторот за урбанизам во Општина Центар, додавајќи дека Комисијата барала поголемите групации на земјиште во сопственост на државата да се изземат од градежните парцели и да се предвидат со намена Д1 – парковско зеленило, но и да се предвидат пропратни содржини соодветни на предвидените намени, како што е на пример градинка која им била понудена под земја.

Инаку, според ревидираниот план за „Мал Ринг 1“ кој не стигна да биде донесен на седница на Советот на Општина Центар, а во меѓувреме беше укинат мораториумот за градење, наместо 60 катници, беа предвидени вистински кули кои требаше да бидат со помал габарит од претходно предвидените, односно требаше да бидат тесни и високи, а две од нив да имаат 20 ката, една 25, една со 30 ката и една највисока со 35 ката.

Референдум за нов централен државен плоштад кај „Холиден Ин“

Поранешната претседателка на Асоцијата на архитекти, Даница Павловска – Циги вели дека од направените споредбени податоци на ДУП-от со оние параметри на ГУП-от на Град Скопје, се гледа дека е далеку пробиено, што е упад во системот.

-Таквото нешто е атак на градот, а ние имаме право на град како граѓани. Токму затоа јас ги поттикнувам оние не само што се одговорни како професионалци, тие секако и пред сопствената совест и пред јавноста се одговорни, меѓутоа граѓаните да застанат да си го бранат интересот. Градот ни го узурпираат оние кои се полни со незнаење и користољубие. Не смее да се дозволи такво нешто. Граѓанинот може да го дигне гласот, ако има капацитет како граѓанин, ако има осет за своето опкружување и одговорност кон генерациите што доаѓаат – вели Павловска.

Таа предлага референдум со електронско гласање за паркиралиштето пред „Холидеј Ин“ да стане јавен простор – нов централен државен плоштад. Да ја тестираме и локалната и државната власт – колку е со граѓаните. Мора да делуваме, разумно, веднаш, итно – вели таа.

Павловска предлага да се донесе нов урбанистички план за тој простор или пак, да се почека новиот Генерален урбанистички план кој е во изработка, бидејќи ако се гради според параметрите на актуелниот ГУП, се прави страшно зло.

Антикорупциска: Сметаме дека постои многу висок ризик од корупција

Првиот антикорупционер Билјана Ивановска смета дека постои многу висок ризик од корупција затоа што иницијативата за укинување на мораториумот, Уставниот суд експресно ја реши, со тоа го врати стариот план во употреба тој од 2012 година каде се дефинирани огромни згради.

– Пред две години кога Уставниот суд ја прифати иницијативата за укинување на мораториумот, тогаш ние отворивме предмет и доставивме барање до Уставниот суд да ни каже зошто добила таа иницијатива приоритет. Уставниот суд тогаш кажа дека тоа било негово право да прави така и преку ред да ги зема и одлучува по предметите. Сметаме дека тука постои многу висок ризик од корупција затоа што оваа иницијатива за укинување на мораториумот Уставниот суд експресно ја реши, со тоа го врати стариот план во употреба тој од 2012 година каде се дефинирани огромни згради. Од друга страна експресно се продаде земјиштето. Работејќи го тој предмет ги утврдивме начините како се продал. Земјиште кое се уште е во процес на денационализација е продадено од страна на државата. Законот вели ако имате 30% ваше земјиште, 70% може да го окрупните, тоа е законска корупција  – ВРВ и на тоа капак – Уставниот суд – коментира Ивановска во емисијата Што не е јасно.

Според неа, потребен е граѓански притисок затоа што, како што вели законот дава можност да се суспендира ДУП-от кој што не е во согласност соп ГУП-от, зошто тоа не е направено.

– Овој ДУП – Ц08 што екај „Холидеј ИН“, 8,8 пати го надминува ГУП-от. Во Скопје, котлина, трусно подрачје, не треба да сме архитекти за да знаеме дека не треба да се прави. Ја поддржувам идеата на поранешната претседателка на Асоцијацијата на архитекти која вели дека граѓаните треба на референдум да се изјаснат и мислам дека тоа е решение во случајов, затоа што не функционира системот – потенција Ивановска.

(С.Бл. – А.П.)