Челниците на Манчестер Јунајтед наводно започнале преговори со новиот менаџер кој треба да го замени Оле Гунар Солшер. Раководните лица посакуваат тоа да биде Маурисио Покетино, поранешниот менаџер на Тотенхем.

Угледниот италијански новинар, Алфредо Редула, објави дека преговорите се веќе започнати, а воедно и одличниот Аргентинец е заинтересиран за преселба на „Олд Трафорд“. Овој 47-годишен менаџер веќе подолг период се поврзува со „Црвените ѓаволи“, а беше и меѓу кандидатите кога отказ доби Жозе Мурињо, но тогаш остана верен на „петлите“.

Покетино во изминатите пет сезони го предводеше тимот на Тотенхем, а денес таа функција ја извршува токму Мурињо.

Инаку, Јунајтед се соочува со обвинение од страна на Фудбалската федерација на Англија поради однесувањето на своите играчи на натпреварот против Ливерпул.

Како што пренесува Би-Би-Си, обвинението се однесува на инцидентот кога фудбалерите на Јунајтед влегоа во расправија со судијата Крег Посом, откако првично го призна голот на Роберто Фирмињо, а потоа истиот беше поништен по прегледувањето на ВАР. Јунајтед на ова обвинение може да одговори до денеска, а во спротивно ќе биде парично казнет, иако не се знае за колкава глоба се работи.