Попишувачите се на терен и ќе го посетат секое домаќинство, ДЗС апелира до граѓаните за трпеливост

34

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија 2021, се наближува кон крајот. Остануваат уште осум дена и попишувачите со максимален интензитет ги посетуваат домаќинствата за никој да не биде изоставен и непопишан, информираат од Државниот завод за статистика.

Државниот завод за статистика апелира до граѓаните за трпеливост, посочувајќи дека попишувачите се на терен и ќе го посетат секое домаќинство.

– Би сакале да ги потсетиме граѓаните дека треба да ги проверуваат овластувањата на попишувачите и да ги примаат само оние кои имаат овластувања од Државниот завод за статистика. Исто така, би сакале да потсетиме дека податоците од Пописот се исклучиво за статистички цели и ќе се објавуваат само агрегирано, а никако како лични податоци. Никој нема пристап до личните податоци, а целиот процес на обработка ќе биде автоматизиран и без каков било субјективизам, се вели во соопштението од ДЗС.

Од ДЗС посочуваат дека никогаш досега, а ниту отсега, ниту издавал ниту ќе издава какви било потврди за податоци дадени во Пописот ниту во некои други истражувања што ги спроведува ДЗС и со кои се прибираат лични податоци.

– Одговорите на т.н. чувствителни прашања – за етничка припадност, за вероисповед и за мајчин јазик претставуваат лично чувство на секој граѓанин и попишувачите (или некој друг) не смеат да сугерираат одговори. Попишувачите имаат должност да овозможат увид во внесените податоци, а секој граѓанин треба да го следи процесот на попишување и да гледа што попишувачот внесува во апликацијата. Доколку некој врши притисок по кој било основ, граѓанинот има право да го пријави случајот, укажуваат од ДЗС.

ДЗС апелира до граѓаните да не наседнуваат на провокации и притисоци и во Пописот да ги дадат податоците кои се бараат од нив слободно, со доверба и според сопственото чувство.

– Да ја завршиме оваа активност која долго ја очекувавме за доброто на сите нас, затоа што успешноста зависи од сите нас, се вели во соопштението од ДЗС.