Помагатели им пружаат нега на лицата со попреченост без ограничување на возраста

493

Тања Младеновска е еден од помагателите вклучени во овој проект. Таа им пружа услуги на седумгодишно дете болно од церебрална парализа, но и на педесетгодишна жена со мултиплекс склероза, која веќе шест години е во количка, но за неа вели дека е трудољубива, интелигентна и пред сè храбра. Таа во нивните домови престојува по три часа, што значи вкупно шест часа во текот на секој работен ден, им помага во домот и им пружа нега

 

Црвениот крст на Град Скопје воведе нов социјален сервис, помагатели на ранливи целни групи корисници кој е поддржан од Град Скопје.

Станува збор за пилот-проект кој зaпочна да се реализира од 1 јули годинава, откако се покажа дека има потреба од надградба на социјалниот сервис –  персонални асистенти за лица со попреченост, за нивна социјална интеграција, поддржан од Министерството за труд и социјална политика, чија целна група се слепи лица и лица со тежок и најтежок вид телесен инвалидитет на возраст од 18 до 64 години.

-Добивавме многу повици за потреба од персонални асистенти, но корисниците или не одговараа поради дијагнозата или според годините. Затоа, дојдовме до заклучок дека ќе мора да направиме надградба на сервисот на персонални асистенти со нов социјален сервис, помагатели чии целни групи се ранливи групи на корисници со најразлична попреченост, без ограничување на возраста – објасни Тихана Обрадовиќ-Чингарова, координатор на сервисот помагатели.

Таа додаде дека пилот-фазата ќе трае до 1 јануари, 2020 година, при што се планира сервисот да се прошири, со цел да се опфатат што е можно повеќе корисници со попреченост.

-Целта на социјалниот сервис е да пружи поддршка, асистенција и нега на лице со попреченост од најразлична возраст на територијата на град Скопје. Имено, помагателите поминуваат по шест часа кај корисниците секој работен ден и даваат услуги во зависност од потребите на корисниците. Услугите се: помош во домот на лицето, поддршка во образовниот процес, во процесот на рехабилитација, на работното место на корисникот, како и инклузија и социјализација во општествениот живот (одење во театар, кино, прошетка во парк, присуство на разни настани, обновување на стари пријателства итн.) – информира Обрадовиќ-Чингаровска.

Тања Младеновска е еден од помагателите вклучени во овој проект. Таа им пружа услуги на седумгодишно дете болно од церебрална парализа, но и на педесетгодишна жена со мултиплекс склероза, која веќе шест години е во количка, но за неа вели дека е трудољубива, интелигентна и пред сè храбра.

Таа во нивните домови престојува по три часа, што значи вкупно шест часа во текот на секој работен ден.

-Во семејството на детето практично ја заменувам неговата мајка додека таа е на работа. Го пресоблекувам, шетам, заедно пееме, го хранам, му подготвувам оброк, му ја давам потребната терапија која ќе ми ја подготви неговата мајка. Детето премногу убаво ме прифати, а мајката сега со олеснување оди на работа, бидејќи додека ја нема има кој да се грижи за него. Сега сите од семејството си ги извршуваат своите обврски и неговиот татко, баба и брат, бидејќи детето е на безбедно – раскажува Младеновска.

Таа вели дека откако таа почнала да се грижи за педесетгодишната жена болна од мултиплекс склероза, си го продолжила со својот живот.

-Почна да се социјализира, заинтересирана е за реновирање на домот, заедно одиме да избереме мебел, а за тоа го користиме комбето од Град Скопје наменето за лица со посебни потреби, кое постојано ни е на располагање. Ѝ помагам на оваа жена во домот, вклучувам машина за перење, чистам, ја бањам, ја носам во тоалет, на лекар, одиме на фризер, дури и зимница правиме заедно, а таа е пресреќна бидејќи може независно да ги прави сите работи, а нејзиното семејство не е оптоварено. Дури и сака да одиме кај нејзини пријатели на кафе. Така, однапред добива желба да си ги планира наредните денови – вели Младеновска.

Обрадовиќ-Чингаровска додава дека целта на овој сервис е токму тоа, помагателот и корисникот да остварат професионално-пријателски однос, а помагателот да биде продолжена рака на корисникот во остварување на неговиот независен и квалитетен живот.

Во овој проект се ангажирани 12 помагатели кои добиваат надоместок, но и 10 волонтери кои се ангажирани повеќе во делот на грижата, но не и на негата, а опфатени се вкупно 55 корисници. Веќе има 30 корисници кои се на листата на чекање.

Во рамките на претходниот проект, подржан од Министерството за труд и социјална политика, во сервисот персонални асистенти се вклучени 30 корисници и 25 персонални асистенти.

(А.П.)