Повеќе од 5.300 нови станови зјаат празни, а се градат уште 11 илјади

Во првото тримесечје од годинава катастарот регистрирал продажба на 687 новоизградени станови, што е за 65 помалку од четвртиот квартал лани. Тоа значи дека од актуелната понуда на над 5.000 станови купувач има за секој осми

921

Рекорден број од над пет илјади новоизградени станови во државата не се продадени, а уште над 11 илјади се во градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини што се води во Агенцијата за катастар на недвижности.
Во последните три години бројот на новоградби кои зјаат празни е зголемен за околу 3.000 и на крајот на март изнесува 5.340. Во истиот период во 2016 година изнесувал 2.564. Расте и бројот на станови во градба за кои катастарот издава листови за предбележување. Според најновите објавени податоци понудата на новоизградени станови наскоро ќе се збогати за уште 11.332.
Во првото тримесечје од годинава катастарот регистрира продажба на 687 новоизградени станови, што е за 65 помалку од четвртиот квартал лани. Тоа значи дека од актуелната понуда на над 5.000 станови купувач има за секој осми.
– Може да се констатира дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови, ја коментираат од катастарот оваа ситуација на пазарот на недвижности.
Според податоците од Државниот завод за статистика изградбата на нови станови не стивнува,. Во март се издадени одобренија за градење на уште 276 низ државата од кои најголемиот број во Скопје. Тие ќе бидат изградени за една до две години.
Наспроти евидентните проблеми со продажбата на новоградбите, старите станови одат како алва. Бројот на продадени станови во кои некој претходно живеел е дури пет пати поголем од бројот на продадените новоизградени и надминува 3.000.
Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Ивица Јаќимовски вели дека во тој дел нешто не е во ред на пазарот на недвижности, зашто сега по иста цена се продаваат и стари и нови, што според него е причина поради која не може да се направи јасна дистинкција меѓу квалитетот и неквалитетот. За бројката на непродадени тој изразува сомнеж, но вели дека непродадени се само неквалитетните станови, а под неквалитет подразбира и несоодветна локација на станот.
-Не е возможно стан што се користел 10 години да има иста цена со стан што сега се гради. Тука нешто алармира и кажува дека во таа насока се потребни промени. Податоците од катастарот за бројот на непродадени станови водат кон фактот дека нема доволен број на квалитетни нови станови кои би се понудиле на пазарот. Затоа е таа разлика, истакнува тој и додава дека компаниите кои се членки на Комората многу внимаваат на квалитетот на градбата.
Според евиденцијата на катастарот за купопродажните договори во првиот квартал годинава најмногу станови се продадени во скопските општини Аеродром, Карпош, Центар и Кисела Вода. Во Аеродром се регистрирани 268, во Карпош 199, во Центар 167, а во Кисела Вода 139 трансакции со станови. Следува Охрид со 116, па Битола со 89 и Тетово со 69 продажби на стари и нови станови.
Најскапи се становите во Центар. Таму од продажбата на становите катастарот извлекол просечна цена од околу 989 евра за квадратен метар, но просекот се зема и од старите и од новите станови со кои имало трансакции. За околу триесетина евра била пониска просечната цена од реализираните трансакции со станови во Карпош. Во Кисела Вода постигната е просечна цена на продадените станови од 903 евра, а во Аеродром од околу 860 евра. Меѓу петте општини со највисоки реализирани цени на станови е и Охрид – 702 евра. Во Штип, пак, становите се продавани по многу пониски цени, во просек под 500 евра за квадрат.
Наспроти овие цени кои се просечни за старите и новите продадени станбени квадрати, во огласниците новите станови инвеститорите ги нудат многу поскапо – во Центар и до 1.500 евра за квадрат, во Аеродром и Карпош до 1.200, додека пак во Кисела Вода до 1.100 евра.
Градежниците велат дека овие цени ќе се одржат и понатаму, а може и благо да се зголемат, но само за квалитетните станови.
А дека не сите новоградби се квалитетни неодамна предупреди професорот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски. Тој вели дека квалитетот на арматурата и бетонот од увоз не е секогаш на ниво, пред се заради тоа што се потфрлува со контролите.
Според податоците од катастарот на крајот на март годинава од вкупно над еден милион станови со имотни листови, колку што ги има во целата држава, под хипотека се ставени повеќе од 124 илјади, или 11,55 проценти. Најмногу станови под хипотека има во Неготино, без малку 20 проценти од вкупниот станбен фонд. Во Скопје заложени во банките се над 58.000 станови, што е над 19 проценти од вкупниот број. Најмалку заложени станови, само 1,31 процени има во Кратово.
(С.В.)