По повод „500 години Хавана“: Концерт на мецосопранот Синицки и пијанистот Милојковиќ

192

Како дел од проектот „Екос ние сме светот“, а по повод чествување „Хавана слави 500 години основање“, во македонската Филхармонија на 7 декември со почеток во 20 часот, концерт ќе одржат престижниот мецосопран Ана Синицки и пијанистот Борко Милојковиќ од Белград. Синицки, ги заврши основните студии за пеење на Академијата за убави уметности во Белград. Добила стипендија од универзитетот Јеил во Соединетите Американски Држави. Таа е единствената уметничка од овој регион која доби стипендија од овој престижен универзитет.

Нејзините неодамнешни настапи вклучуваат бројни улоги во најпрестижните театри во Европа, а има настапувано и со престижните оркестри. Таа го прави својот деби албум во 2017 година под името “Ми алма“. Музиката што го содржи овој албум е нејзина мешавина од класична и популарна музика, која ја изведува со големо задоволство и исто така за прв пат се најде во улогата на композитор, текстописец и вокален продуцент.
Од 2006 соработува со истакнати музички бендови и оркестри, настапувајќи во Њујорк , како и во Конектикат. После тоа следат настапи во Италија, Русија, Македонија и Србија.

Инаку, главниот град на Куба, Хавана, е едно од архитектонските богатства на Латинска Америка, кој може да се пофали со фасцинантна мешавина на стилови на колонијална, барокна и арт Деко архитектура. Многу нејзини знаменитости со децении претрпеле руинирање, но, полека активностите кои се превземаат за нивно реновирање ги доведуваат во живот.