По 81 година производство, легендарната „буба“ оди во музеј

Од 1938 до 2003 се произведени 21.529.464 автомобили  од кои  15.444.858 се изработени во Германија и околу 3.350.000 возила во Бразил. Зенитот на производство на Буба е постигнат во 1971 година, кога се произведени 1.3 милиони примероци. Последниот, 5.961. примерок од верзијата „фајнл едишн“ вчера  заврши во музеј.

668

По 81 година производство и три генерации автомобилскиот гигант „Фолксваген“ вчера во фабриката во Пуебло, Мексико, го запре производството на последната верзија на „буба“, која како експонат е ставена во музеј. Со тоа се стави крај

на еден од најпознатите автомобилски модели на сите времиња. Од 1938 до 2003 се произведени 21.529.464 автомобили од кои 15.444.858 се произведени во Германија и околу 3.350.000 возила во Бразил, а во Мексико истата година е произведен последниот автомобил.

Љубителите на брендот „Буба“ со тешки мака мораат да признаат дека конечно е  крај на патот за возилото кое симболизираше многу нешта откако се појави во 1938 година. Она што почна како нацистички проект за народен автомобил стана симбол на поствоената економска ренесанса на Германија и на просперитетот на растечката средна класа. Нејзиниот дизајн беше препознатлив како шише од „кока кола“.

Официјално наречена „тајп 1“, „буба“ се произведуваше во централата во Волфсбург до 1978 година, кога приматот почнаа да го преземаат модели како „голф“. Но, тоа не беше крај за „бубата“. Таа продолжи да се произведува во Пуебла до 2003 година, а, во меѓувреме, во 1998, се појави „нова буба“, комплетно нова ретро верзија, изградена врз модифицирана платформа на „голф“. Во 2012 година, нејзиниот дизајн беше направен уште поелегантен. Зенитот на производство на „буба“ е постигнат во 1971 година, кога се произведени 1,3 милиони примероци.

Последниот, 5.961. примерок од верзијата „фајнл едишн“  вчера заврши во музеј.

Овој модел на автомобил има голем број на приврзаници ширум светот  кои што еднаш годишно  на 22 јуни светскиот ден на бубата се собираат за да ги покажат своите автомобили-олдтајмери и да се пофалат во каква возна состојба успеале да ги зачуваат. „Бубата“ беше и еден од заштитните знаци на хипи-движењето и инспирација за многу генерации.

Весникот „Вечер” стапи во контакт со еден скопјанец кој поседува „буба“ произведена во 1976 година, што ја наследил од неговиот татко. Тој со задоволство ни кажа дека тоа е aвтомобил што во тој период го купувале граѓаните на  поранешна Југославија кои што биле од средна класа.

-Се работеше за автомобил кој е евтин за одржување и со мала потрошувачка. Кога ја возиш се чувствуваш сигурно, како да си заштитен од сите страни. И она што е најважно за овој  германски автомобил е што никогаш нема да остави на пат. Кај и да одите дома ќе стасате без проблеми – вели Јордан Трајчев за весникот „Вечер”.

 Моделот на овој автомобил го осмисли Австриецот Фердинанд Порше

Производството на овој автомобил почна точно пред 81, но подготовките за него траеја  речиси четири години. Така пред точно 85 години, на 22 јуни 1934 година беше потпишан договор за развој на KDF-Wagen, познатиот Volkswagen-буба. Овој култен автомобил дефинитивно го смени текот на автомобилската индустрија.

Тој ден Фердинанд Порше, кој е по потекло од Австрија, потпиша договор со германската влада за развој на „автомобил за луѓето”, едноставен и сигурен.

Барањата беа да има простор за пет лица, моторот да биде со воздушно ладење. што било добро бидејќи лесно можело да се одржува во зимски услови, како и да достигнува 100 km/h и да троши осум литри на 100 километри.

Она што исто така било важно е  цената да биде до 1.000 марки за да се овозможи да ја купи  просечниот германски работник. Практично Бубата ги постави темелите за моторизацијата на Германците и појавата на потрошувачката нација.

Во тоа време Фердинанд Порше комуницирал со Адолф Хитлер со кого почнал да се среќава уште во 1933 година. Со тоа Порше станал „државен конструктор број 1“ и ќе игра решавачка улога во развојот на воената технологија за Вермахтот.

Во наредната година и половина беа направени три прототипи, за кои на 22 октомври 1936 година почна сеопфатна програма за тестирање.

 На 28 мај 1937 година, основана е државна компанија, сега позната како Folksvagen

Врз основа на добрите резултати на 28 мај 1937 година, основана е државна компанија, сега позната како Folksvagen. Конечно, на 26 мај 1938 година, во Фалерслебен, беше воведен KdF-Wagen, кој ќе се прослави како Фолксваген-Буба.

Сепак, пренасочување на ресурсите на воените вложувања значи дека испораките на KdF-Wagen на приватни клиенти ќе почнат дури по Втората светска војна. Во меѓувреме се произведени серија на воени верзии, а за заживување на производството во 1945 година заслугата му припаѓа на британскиот мајор Иван Хирст.

Тоа беше почетокот , а по освојувањето на  светот  на 17 февруари 1972 година од производната  линија во Волфсбург излезе  VW Буба под број 1 500 7034, со што го урна  45-годишниот рекорд на легендарниот Ford Model T и историјата на автомобилизмот доби нов рекордер.

Производството во Европа беше прекинато на 19 јануари 1978 година, а производството продолжи во Бразил и Мексико. До 2003 година беа произведени вкупно 21,5 милиони примероци на „буба“.

(подготви: В. Ма.)