Пластичарска ќе стане булевар со четири ленти и со зеленило во средина

404

Работите почнаа од клучката кај Бит Пазар и во наредните три-четири месеци ќе се врши проширување сè до влезот кај касарната „Илинден“, во должина од 1.440 метри. Притоа, предвидена е целосна реконструкција и проширување на коловозот, а на овој потег ќе се добијат четири сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки и на делови и разделно зеленило

 

Тесното грло на Скопје, булеварот „Никола Карев“ или познатата Пластичарска улица, почна да се проширува. Работите на нејзино проширување и реконструкција почнаа од клучката кај Бит Пазар и ќе траат до март или средината на април следната година сè до влезот кај касарната „Илинден“, во должина од 1.440 метри.

– Оваа сообраќајница ќе ги поврзе Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош. Таа е врска на источната и западната порта на метрополата. Низ неа поминуваат десетици илјади возила не само од Скопје, туку и од Куманово, Штип, Тетово, Струга… Град Скопје учествува во капитални инвестиции и досега во рекордно кусо време реконструира повеќе улици во градот и тоа низ сите 10 општини. Затоа треба да биде поттик и пример и на останатите општини – истакна премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на почетокот на работите.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов информираше дека на овој потег ќе се добијат четири сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки и на делови и разделно зеленило.

– Ќе се постави нова атмосферска канализација сè до Американската амбасада, со променлив профил, во вкупна должина од 2.162 метри, како и водоводна мрежа на двата крака, во вкупна должина од 2.552 метри. Разговаравме со сопствениците на деловните објекти, што е можно помалку да го попречиме нивното работење – изјави Шилегов.

Освен тоа, булеварот ќе добие ново осветлување со канделабри во висина од 9 метри, а ќе се изврши и дислокација на електрични и телекомуникациски инсталации.

По завршување на првата фаза, Шилегов најави дека ќе се продолжи со втората фаза од касарната „Илинден“ до булеварот „Словенија“.

Реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Никола Карев“ ќе чини 107 милиони денари без ДДВ. Градоначалникот апелираше до граѓаните да бидат трпеливи  додека траат градежните активности.

 

 (А.П.)