„Милениче“ е наслов на песната од еминентната македонска поетеса Лидија Димковска која е објавена во последниот број на култниотн лондонски неделник „Тајмс Литерари Саплмент“ (Times Literary Supplement), едно од најпрестижните светски списанија за литература и култура. Објавена е на англиски јазик, во препев на Љубица Арсовска и Патриша Марш-Стефановска.

Песната „Милениче“ е од последната поетска збирка на Лидија Димковска „Гранична состојба“, објавена во 2021 година во издание на „Или-Или“, која ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга од македонски автор на Струшките вечери на поезијата што се одржаа во август.

“Times Literary Supplement“ (TLS) првпат се појави во 1902 година како додаток на Тајмс, но стана посебна публикација во 1914 година. Многу истакнати писатели дале свој придонес, вклучувајќи ги Т. С. Елиот, Хенри Џејмс и Вирџинија Вулф.

Инаку, Димковска е прв македонски автор објавен во ова престижно списание.

TLS вклучува есеи, критики и песни од Џон Ешбери, Итало Калвино, Патриша Хајсмит, Милан Кундера, Филип Ларкин, Марио Варгас Љоса, Џозеф Бродски, Гор Видал, Орхан Памук, Џефри Хил и Шејмус Хини, меѓу другите.

Многу писатели ја опишаа публикацијата како неопходна. Марио Варгас Љоса, романсиер и добитник на Нобеловата награда за литература во 2010 година, еднаш го опиша TLS како „…најсериозна, најавторитативна, духовита, разновидна и стимулативна културна публикација на сите пет јазици што ги зборувам. “