Перформансот „Човековиот срам“ утревечер на 44. МОТ

134

„Човековиот срам“ е перформансот кој публиката ќе може да го види утревечер (16 септември) со почеток од 20 часот во Младинскиот културен центар, а во рамки на 44. издание на театарскиот фестивал Млад отворен театар.

Првично изведуван во затворот во Матера, Италија, перформансот е „роден“ од проектот „Поетиката на срамот“. Силвија Грибауди и Матео Мафесанти, се режисери и автори, и со него го истражуваат срамот, индивидуалниот и колективниот, социјалниот и семејниот, преку драмска конструкција, кое телото ја раскажува. Мајстор на церемонијата и единствената македонска актерка во перформансот е Симона Спировска.

„Овој перформанс е всушност првиот реализиран проект за Матера – Европски град на културата 2019. Процесот на работа беше еден сосема нов свет за мене. Веројатно ќе паметам сè, особено луѓето кои ги запознавме во затворот во Матера и со кои имавме можност да разговараме. Чувари и осуденици. Никогаш нема да им ги заборавам очите кога раскажуваа како театарот им го променил животот, како направиле претстава и нивните блиски дошле да ги гледаат, како знаат дека има поинаку. Тоа се луѓе кои не се заборавени од средината и со кои секојдневно се работи. Видов како театарот менува животи, вистински, баш онака како што сум замислувала дека треба. Да, во исклучителни услови, но сепак…“, ни изјави Симона Спировска која посочи дека перформансот се менува постојано, најчесто во зависност од местото каде се изведува. „Оваа сега е многу различно од тоа во Матера, бидејќи таму местото и искуството на публиката додека влегува и минува пред ќелиите беше многу силно… со тоа не треба да натпреваруваш, туку да му се препуштиш. Така и направивме“, додаде таа.

Арсов: Годинава се занимаваме со теми како работници, миграции, профит, срам, страв, нови генерации…

Инаку, викендов во Скопје, со македонскиот проект – победникот на Прашкото квадринале за перформанс, дизајн и простор, „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во Младинскиот културен центар се отвори 44. издание на Меѓународниот театарски фестивал Млад отворен театар (МОТ) кој ќе трае до 21 септември.

„Двете четворки на овогодишниот МОТ бараат посебен влог во време кога тешко е да се украде времето за убави нешта бидејќи секојдневно ‘другите’ го крадат шоуто. Затоа оваа година малку повеќе се занимаваме со ‘обичната реалност’ и темите како работници, миграции, профит, срам, страв, нови генерации… Ќе се обидеме девет дена да го држиме вниманието кон театарот, особено што ентузијазмот во мисијата ни е потхранет и со проектот на Томи Јанижиќ, кој толку сакал и имал потреба да го држи времето со уметност, што годинава со „Сè уште без наслов“ го направи тоа во 11 часа“, посочи за весникот „Вечер“, Русе Арсов, директор на МКЦ, кои се организатори на МОТ.