Претседателот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише Указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Тој го извести претседателот на Собранието Талат Џафери, дека одлучил да не го стави својот потпис откако го анализирал текстот на Законот при што утврдил дека е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот.

Овој закон Собранието го донесе во вторникот, на 11 овој месец, а според собранискиот Деловник, сега, кога не го доби потписот на претседателот на државата, во рок од 30 дена од донесувањето треба да се врати назад во Собранието на повторно разгледување. Доколку пратениците во третото читање го донесат со мнозинство гласови, тогаш претседателот Пендаровски ќе мора да го потпише Указот за негово прогласување.

-Текстот на Законот е спротивен на член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот каде што владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на уставниот и, генерално, нашиот правен поредок. Имено, фактот дека со овој Закон се легализираат противзаконитите постапки на физички и правни лица за бесправно градење, кое е определено како кривично дело во Кривичниот законик, ги става во нееднаква положба правните субјекти и ја нарушува правната сигурност. Таквата постапка е спротивна со член 9, став 1 од Уставот во кој е определено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, стои во дописот на Пендаровски до Џафери.

Пендаровски додава дека е убеден дека усвоениот Закон не само што ги става граѓаните во нееднаква положба, привилегирајќи ги оние што не ги почитувале правните прописи на штета на совесните граѓани кои при градење на објекти постапувале во согласност со важечките прописи, туку, уште повеќе, стимулира непочитување на правните прописи. За особено спорен го посочува член 41 од Законот со кој од денот на влегување во сила на Законот се предвидува „запирање на управни постапки кои не се завршени со спроведување на решенијата за отстранување на бесправно изградените објекти, како и управните и судските (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек.

-Преку вака формулираното законско решение се врши упад во работата на судовите и се овозможува „затскриена“ амнестија за сторители на кривични дела поврзани со бесправно градење и злоупотреба на службената положба, посочува меѓу другото Пендаровски.

Законот во скратена постапка во вторникот го изгласа пратеници и од власта и од опозицијата. Потоа петмина пратеници од владејачката коалиција му пишаа на претседателот Пендаровски и од него побараа да не го потпише Указот. Обраќање до него со исто барање имаа и група невладини организации.

Донесувањето на овој Закон ја крена на нозе не само стручната, туку целата јавност, која го оцени како скандалозен, зашто со него ќе може да се легализираат сите објекти изградени до денот кога ќе стапи на сила. Односно, легализација се дозволува и на објекти во национални паркови, заштитени зони, близу извори на вода и слично. Исклучени се само станбените објекти и нивните доградби и надградби, како и градбите во заштитениот појас на охридското крајбрежје. Рок за завршување на легализацијата во Законот нема, а за разлика од претходниот Закон со кој легализацијата се вршеше за едно евро по квадрат, со овој е предвидено плаќање на редовните комуналии зголемени за 50 проценти. (С.В.)