Екипите на Пелистер и Бутел како носители ја дочекаа ждрепката за ЕХФ Купот и ги дознаа своите можни противници во втората рунда од ова натпреварување. Бутел своето деби на европска сцена ќе го има против победникот од дуелот од првото коло меѓу Запорожје и Лондон, додека Пелистер новата авантура надвор од нашите граници ќе ја започне во Косово или во Швајцарија, во зависност кој ќе победи на дуелот од првото коло меѓу Беса и Винтертур.

Првите натпревари се играат на 6 или 7 октомври, додека реваншите се една седмица подоцна. Македонија има и трет претставник во ЕХФ Купот, но Металург беше сместен директно во третото коло и противникот ќе го добие на 15 октомври.

ЖРК Металург ќе се сретне со тимот на Заглебие Лубин од Полска, додека Куманово со Славија Прага, а ЕФХ веќе ги откри и можните противници во второто коло. Доколку шампионот слави на двомечот со полскиот тим ќе налета на Сторхамер од Норвешка, а Куманово со евентуален успех во првото коло ќе се натпреварува против дански Одензе. Првите натпревари од првата рунда се играат на 7 или 8 септември, додека реваншите се закажани за по една седмица.

Единствениот македонски претставник во женска конкуренција, во Челинџ купот, ЖРК Пелистер во првото коло ќе се судри со српскиот прволигаш, Зајечар.

Фото: Гол.мк