„Паркети“ со нова песна и лајв-концерт на највисоката битолска зграда

802

Замрзнавме на снимањето, а особено девојката која глуми во спотот, која лежеше на земја два часа на минус десет, но затоа испадна еден од подобрите спотови на „Паркети“  – изјави Себастиан

„Паркети“, како и секогаш, знаат да ни приредат невообичаени изненадувања, па така и овој месец го збогатија со нови, интересни и несекојдневни проекти меѓу кои е и најновата песна „Санка“, најавата за концертот и тоа на највисоката зграда во нивниот град Битола, а во подготовки е и нивниот нов албум кој можеби ќе има име на една планета, а за која станува збор овие талентирани музичари со задоволство и тоа го открија за весникот ВЕЧЕР.

Себастиан Паркет

– „Санка“ означува љубов буквално кога е зима и девојката те трга на санка или ти неа ја тргаш и сè е идилично и снег вее и двајцата сте насмеани, и кажуваш глупави шеги на кои таа се смее, ноќ е и сè е убаво“, ни откри Симс Себастиан Паркет кој е и автор на оваа песна.

Но, Себастиан Паркет вели дека Санка може да има и друго значење, а тоа е дека љубовта е на прво место.

-„Санка“ може да значи и дека љубовта е на прво место, прифаќање на лошата реалност и прифаќање на сè само да бидете заедно, али оваа песна е за првата работа санка и снег“, додаде Себастиан.

Новата песна „Санка“

Она што е интересен факт и по препорака на режисерот на спотот за оваа песна, Коста Дупчинов од „Концепт“ продукција е тој што сите сцени се снимени во шест часот наутро, бидејќи светлото е најдобро тогаш поради што тие измрзнале во раните зимски часови.

– Замрзнавме, а особено девојката која глуми во спотот и лежеше на земја два часа на минус десет, али затоа испадна еден од подобрите спотови на „Паркети“  – изјави Себастиан за Вечер.

Инаку наскоро на ТВ-екраните ќе имаме можност да го проследиме невообичаениот лајв концерт на највисоката зграда.

– Освен песната „Санка“ на Македонската телевизија ќе има лајв концерт од нас снимен на највисоката зграда во Битола во соработка со продукцијата на Оливер Димитров. Од тој концерт ќе има неколку синглови на Јутјуб оваа пролет – ни кажа Сашо Паркет.

Сашо Паркет

Инаку тие работат и на студиски албум за кој сè уште се во дилема кој наслов да го изберат, а десетте песни што ќе ги содржи овој албум се изработени во студиото на бендот Памперс со Даниел Митревски.

– Студискиот албум нема дефинитивен наслов, но постои можност планетата Сатурн да е вклучена во насловот иако тоа не е дефинитивно, но е наша интерна зафрканција за сите малери во животот што ни се случуваат. Песните на албумот како и песната „Санка“ ги работиме во студиото на Памперс со Даниел Митревски, додаде Сашо.

Лајв-концерт на највисоката битолска зграда

Освен тоа Сашо ни кажа дека оваа година по волја на судбината можеби ќе се позастапени за разлика од претходните години.

– Ќе пробаме албумот да има песни во соработка со некои артисти од други бендови и боже здравје можеби ќе биде интересно за поширока публика, а  ако не барем тие што ги сакаат „Паркети“ како панк-рок бенд ќе имаат што да слушаат. Тоа е засега сè што можам да кажам, да видиме како ќе се одвиваат работите по волја на судбината, па можеби оваа година ќе бидеме поприсутни отколку последните години, ни кажа за крај Сашо Паркет.

(Маја А.)