Пад на вредноста на акциите на „АстраЗенека“ заради сомнежи во ефикасноста на вакцината

37

Трет ден по ред паѓа вредноста на акциите на британската фармацевтска компанија „AстраЗенека“ поради сомненијата во ефикасноста на нејзината вакцина против Ковид-19, покажуваат податоците од трговијата на берзите.

Акциите на оваа компанија денеска на пладне загубија уште 0,66 отсто ов вредноста и паднаа на 79,47 фунти, а од почетокот на неделата вкупната загуба изнесува 4,4 отсто од нивната вредност.

„АстраЗенека“ во понеделникот соопшти дека привремената анализа на клиничките испитувања на вакцината, развиена со научници од Оксфорд, покажала просечна ефикасност од 70 отсто. Според фармацевтската компанија, учесниците добиле две различни дози на вакцината, едната покажува ефикасност од 90 отсто, а другата од 62 отсто.

Блумберг претходно денеска, повикувајќи се на Монсеф Словеј, советник во администрацијата на актуелниот претседател Трамп, изјави дека дозата на вакцината развиена од „АстраЗенека“ во соработка со Универзитетот Оксфорд, што покажа голема ефикасност, е тестирана врз волонтери на возраст не поголема од 55 години.

„AstraZeneca Plc“, една од најголемите фармацевтски компании во светот, е создадена во 1999 година со спојување на британската „Zeneca Group Plc“ и шведската „Astra AB“. Компанијата се занимава со развој, производство и продажба на лекови за третман на болести на гастроинтестиналниот тракт, кардиоваскуларни, невролошки и онколошки заболувања.