Отстранета пречката за поголем број лица да можат да користат т.н. социјална пензија

134

Се зголемува интересот за остварување на правото на социјална сигурноста на стари лица односно таканаречената социјална пензија. До Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Скопје, досега се пристигнати 533 барања за остварување на ова право. Се очекува оваа бројка да се зголемува, со оглед како што посочуваат од Центарот, се направени промени на правилникот кој се однесува на ова прашање и сега остварувањето на право на минимална гарантиран приход не е пречка за ова право, бидејќи може да се трансформира од едно во друго право.

Лицата кои ги поднеле барањата до Центарот во Скопје, ја доставиле целокупната потребна документација за да го остварат ова право, но, како што потенцираат оттаму, тие по службена должност од други институции ги докомплетираат потребните документи и ги решаваат.

-Ова е вкупна бројка на поднесени барања само во Скопје. Добар дел од овие се решени.Тие се комплетирани во смисла на документација што странките ја носат, а согласно правилник се задолжени самите да ја достават, но, има дел од документацијата која согласно правилник и закон сме должни ние по службена должност да ја обезбедиме. Како ја комплетираме таа документација по службена должност, така ги решаваме барањата, вели директорката на Центарот Наташа Станојевиќ.

Таа појаснува дека се направени измени на правилникот за социјална сигурност на стари лица, кој се применува од 13 септември, кои предвидуваат минималниот гарантиран приход да не биде пречка за остварување право на социјална сигурност за стари лица.

-Очекуваме да порасне бројот на поднесени барања од причина што досега имаше една пречка, односно тие што беа корисници на гарантиран минимален приход им претставуваше проблем за да го остварат правото на социјална сигурност за стари лица односно тн. социјална пензија. Тие претходно требаше три месеци да се откажат од правото, односно да не го користат и да останат без никаков приход за да може да поднесат барање за социјална сигурност, појасни Станојевиќ.

Сега, појасни таа, со новите измени гарантираната минимална помош не се смета за приход, што значи дека тие по автоматизам веднаш ќе можат да поднесат документи за социјална сигурност.

-На пример двајца брачни другари од двочлено домаќинството кои користеле по старо социјална помош, а им е преведено како гарантиран минимален приход, по автоматизам ова право ќе им престане, но ќе бидат заштитени со право на социјална сигурност за стари лица, од причина што поповолно право за нив е правото на социјална сигурност, бидејќи доколку се корисници на ова право ќе може да користат и право на здравствена заштита преку Центарот, рече Станојевиќ.

Дококу семејството е повеќечлено односно имало стари лица или едно старо лице во домаќинството, а останатите се синови, ќерки или други членови, тие ќе останат да си го користат правото на гарантиран минимален приход, а само старилте лица ќе бидат исклучени од броот на членови, бидејќи ќе бидат заштитени со правото на социјална сигурност за стари лица.

-Ако се материјално необезбедени во тоа семејство останатите членови ќе продолжат да добиваат и да го користат правото на минимален гарантиран приход, а старите лица или старото лице ќе бидат корисници право на социјална сигурност како поповолно право за нив, појаснува директорката.

Социјална сигурност за околу 6.000 граѓани

При донесувањето на законот од Министерството за труд и социјална политика предвидеа дека со него би можеле да бидат опфатени околу 6.000 граѓани кои немаат други извори на егзистенција. Toj беше донесен на крајот на мај годинава. Според неговите одредби, право на надоместок имаат сите лица кои се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.

За домаќинствата во кои и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Право на социјална сигурност за старите лица, граѓаните можат да остварат доколку немаат во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржува, ако не е корисник на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не остварило приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.

Право на социјална пензија не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вон-семејна социјална заштита, здравствена или друга установа.

Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица, се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година. Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година не се врши усогласување на висината на правото на социјална сигурност за старите лица.

Корисникот на социјална пензија има право на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.

На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува и право на здравствена заштита, согласно со овој закон и прописите од областа на здравственото осигурување, доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа.

Социјалната пензија за намалување на сиромаштијата кај старите лица

Оваа пензија, е социјално право, нешто на што укажуваа и експертите, кои сметаа дека на таков начин тоа нема да биде дополнително оптоварување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Меѓу експертската јавност има мислења дека со вака поставената рамка за социјалната пензија нема да ја подобри релативната сиромаштија, но оти апсолутната сиромаштија ќе ја искорени во целост помеѓу населението над 65 години.

-Социјалната пензија има благ позитивен ефект врз доходната еднаквост во Северна Македонија. Условот за примање на социјалната пензија за брачниот или вонбрачниот партнер да нема никакви приходи е престрог и оневозможува постигнување на главната поставена цел на социјалната пензија, односно извлекување на овие лица од релативна сиромаштија, посочија од Фајнанас тинк во анализата „Дали социјалната пензија ќе ја намали сиромаштијата на старите лица“.