Каде и да се контроверзите, таму е и ирскиот УФЦ борец, Конор Мекгрегор. Тој овој пат призна дека не водел спортски живот пред натпреварот за шампионскиот појас со Хабиб Нурмагомедов, но сега сето тоа го променил. Мекгрегор своевремено беше првиот УФЦ борец кој стана шампион во две различни категории, па затоа многумина го сметаат како еден од најголемите во историјата на спортот.

Конор се пензионираше откако загуби од Хабиб Нурмагомедов, а сега сака да се врати во грандиозен стил во борбата против Доналд Серон во велтер категоријата, меч кој е на програмата ноќта помеѓу сабота и недела во Лас Вегас.

-Последен пат пиев нешто алкохолно пред неколку месеци, но пиев многу пред тоа. Исто како и таа недела кога се борев против Хабиб Нурмагомедов, не беше многу сериозно, но беше малку повеќе. Како да имав некој демон во мене, не знам како да го објаснам ова. Бев во хотел и луѓето ме известија дека имам закажам меч, па со луѓето бев да прославам и три дена не се вратив. Јас направив неколку работи што спортистите не треба да ги прават, истакна Мекгрегор.

Ирецот е една од најконтроверзните спортски фигури на денешницата, но делува дека засега е целосно сконцентриран на враќањето во октагонот. За првпат Конор делува толку смирено и со респект кон противникот. Тоа не беше случај против Нурмагомедов, кого го навредуваше на национална и верска основа, а воедно го омаловажуваше во секој поглед, но Дагестанецот му се освети во текот на нивниот дуел. Тој дуел на Мекгрегор му донесе проблеми и надвор од рингот, бидејќи пред самиот меч против Хабиб, влезе во сериозен конфликт со него и членовите на неговиот тим. Ирецот изведе и напад на автобус во кој беа повредени неколку борци, поради што беше приведен.

Апсењето поради нападот на автобусот со борци во април 2018 година не е единствениот случај во кој Мекгрегор завршил со лисици на рацете. Исто така беше на суд и поради тепачка пред паб во Даблин, кога го удри во глава Дејмонд Ки, поради што беше казнет со 1.000 евра. Ова се случи на 6 април, кога Мекгрегор го промовираше своето виски кое го брендираше „Пропер 12“, а го удри гостинот на локалот бидејќи одби да го проба неговиот бренд.

Conor McGregor throws a punch at an old man for seemingly not wanting to drink whiskey with him. pic.twitter.com/29R3vUP7rb

Исто така, во март минатата година беше уапсен поради тепачка со еден фан кој се обиде да се фотографира со него. Поради тоа подоцна бил приведен и казнет со 12.000 евра. Тогаш се појавија информации дека во тие моменти Мекгрегор бил премногу издрогиран, користејќи преголема количина на кокаин.

Капак на се е објавата во „Њујорк Тајмс“, кој откри дека Ирецот сексуално злоупотребувал жена во еден хотел во Даблин во декември 2018 година, што  веднаш беше демантирано од неговиот тим.

Сепак, последните месеци Мекгрегор делува далеку посмирен и сконцентриран на враќањето во октагонот.