Отворена изложба од ликовната колонија „Љубанци 2019“ 

148

Во преполната сала на Општина Бутел, синоќа беше отворена ликовната изложба на делата од деветтата ликовна колонија „Љубанци 2019“.

Станува збор за 28 дела на 19 ликовни уметници учесници на последната ликова колонија, што веќе традиционално, се одржува во живописното Љубанци. Љубителите на ликовната уметност имаат можност да видат: 25 слики, две скулптури во метал и една скулптура во дрво.

Градоначалникот Велимир Смилевски, изрази задоволство од квалитетот на уметничките дела и им заблагодари на уметниците за учеството на последната ликовна колонија „Љубанци 2019“, со надеж дека нивното учество на наредната, јубилејна 10-та ликовна колонија ќе биде помасовно и попродуктивно.

На изложбата беше промовиран специјално подготвениот каталог: Деветта ликовна колонија „Љубанци 2019“ во кој се презентирани уметниците и нивните дела. Освен тоа, беа наградени и најубавите четири детски цртежи насликани на „Детскиот ден“, во рамките на ликовната колонија.

Ликовната изложба на делата од ликовната колонија „Љубанци 2019“ ќе биде отворена до петок.

Инаку, на последната ликовна колонија, што се одржа во јуни месец во Љубанци, покрај нашите реномирани ликовни уметници како што се: Данчо Ордев, Владимир Лазоски, Харалампие Манчев, Оливер Настески, Гоце Божурсаки, Ели Чочова и други, учествуваа и уметниците од Србија Владан Ранѓеловиќ и Вукашин Станковиќ.