“Националниот конзерваторски центар – Скопје започна со превентивни конзерваторски интервенции на црквата Св. Богородица во Матејче за ова културно добро да се заштити од надворешни влијанија во зимскиот период“, објави на социјалните мрежи министерката за култура Ирена Стефоска. Прашањето за заштита на овој уникатен храм кој беше осквернавен во воените конфликти во 2001 стана особено актуелно изминатите месеци кога министерката ја најави можноста за прогласување на овој импозантен храм од 14 век за културно добро во опасност, со кој објектот треба да ја добие соодветната заштита.

Малкумина знаат за бурната историја, значењето и уникатноста на единствената манастирска црква во рамки на манастирот во Матејче, Општина Липково, која е изградена во 1345 година, со богатиот живопис кој потекнува од 1348 до 1352 година. Живописот во црквата денес во голема мера е уништен, но сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надолу. Во оваа црква се зачувани и бројни записи, меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ… Од Управата за заштита на културно наследствони неодамна за ВЕЧЕР посочија дека интензивно се размислува целиот простор да се заштити и стави во функција со цел да се спречи неговото сквернавење и пропаѓање…

„Манастирот се наоѓа во многу убава природа и луѓето од околината кои ја слават Мала Богородица, го посетуваат. Се работи за убав простор кој може да се искористи мултиуфункционално, со објекти каде што може да се преспие, и за посета на излетници, но и на туристи, бидејќи културните добра најдобро се чуваат ако се стават во некаква функција’“, истакна Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културно наследство. (Д.Т.)