Општина Ѓорче Петров долгорочно ќе им помага на социјално-загрозените

279

Општина Ѓорче Петров изработи дата-база на податоци за социјалната состојба на територија на општината, која ќе послужи за аплицирање за проекти од областа на социјалата, а во иднина ќе влијае за подобрување и надминување на социјалните проблеми.

Со проектот на општината „социјална патролна служба“ кој стартуваше лани, изработен е еден вид социјална карта на Ѓорче Петров и евидентирани се 288 социјално–загрозени случаи на терен, заведени во дата-базата (семејства или поединци во социјален ризик, самохрани родители, бездомници лица, лица со ментална или физичка попреченост, невработени, жртви на семејно насилство итн).

-Општината им додели еднократна парична помош, за дел од нив обезбеди и донации во повеќе форми, но, идејата е да им се помогне на подолг рок. Токму затоа, и врз основа на податоците од терен, изработивме дата-база која ќе ја користиме за аплицирање за проекти наменети за нивна помош-соопштија локалните власти.

Меѓу останатите активности, годинава, општинската социјална патролна служба во тек на матурските прослави обезбеди фустани за педесетина деветооделенки од шесте основни училишта во општината. Исто така, со нивна асистенција, доделени беа и огревни дрва за зимската сезона, пакети со храна и облека, а на 20 стари и изнемоштени лица кои тие ги детектираа, им беа обезбедени лични асистенти.

Во следната година овој проект ќе продолжи, но, со тенденција за вклучување на лица и од Црвениот крст, невладини и владини организации.