Општина Центар ќе издава одобренија за вршење дејност надвор од деловен простор

249

Советот на Општина Центар ја усвои Одлуката за утврдување на условите, начинот и постапката за издавање одобренија за вршење дејност надвор од деловен простор на територијата на Општина Центар.

Со донесувањето на Одлуката, Општина Центар станува активен фактор во заштитата на јавните површини во реоните на Дебар Маало 1 и 2, Парк и Мал Ринг. Во согласност со потпишаниот договор со Град Скопје, Општината ги добива законските надлежности да издава одобренија за вршење дејност надвор од деловниот простор во согласност со законот. Со договорот не се опфатени локациите на кеј „13 Ноември“, плоштад „Македонија“, плоштад „Карпошово востание“, Градски парк и локациите на кои се поставува рекламно-информативна опрема.

-Со потпишувањето на договорот со Град Скопје и враќањето на ингеренциите во надлежност на Општина Центар, преземаме целосна контрола врз користењето на јавните површини во одредени подрачја. Со договорот и усвојувањето на Одлуката од Советот на Општина Центар ќе се зголемат надлежностите со кои ќе можеме да воспоставиме ред во начинот и условите за поставување урбана опрема и за вршење дејност надвор од деловен простор, со сопствена програма и план за работа, како и инспекциски надзор и контрола врз основа на издадените одобренија- изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Со Одлуката, како што информираат од Општина Центар, се утврдуваат условите, начинот и постапката за издавање одобренија за вршење дејност надвор од деловен простор во Општина Центар, кои ќе бидат во согласност со потребите и барањата на жителите. Ќе се ослободат јавните површини, ќе се зголемат пешачките патеки и ќе се воспостави нова рамка за регулирање на јавните површини во Центар.

Постапка за добивање одобрение за вршење дејност надвор од деловен простор може да започне секое физичко или правно лице за вршење угостителска, трговска или занаетчиска дејност и за поставување комерцијално-угостителска урбана опрема.