Општина Центар планира изработка на нов ДУП за одредени делови на Водно

263

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам се прогласил за ненадлежен во однос на инспекциски надзор на ДУП Ј 07, префрлајќи ја одговорноста на Општина Центар, односно Советот кој го носи овој план.

Ова е одговорот што го добиле општинските власти откако градоначалникот Горан Герасимовски побара вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на наведениот план кој ги опфаќа локалитетите: Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.

–  До Општина Центар пристигна одговор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и во него, Инспекторатот, повикувајќи се на Законот за просторно и урбанистичко планирање, се прогласува за ненадлежен по прашањето за инспекциски надзор на ДУП-от Ј 07. Надлежноста за постапување по овој предмет е во рамки на делокругот на Општина Центар, односно Советот, кој го донесува овој план – потенцираат општинските власти.

Тие додаваат дека, во соработка со стручните служби и Советот на Општина Центар, продолжуваат да бараат решенија за состојбата со Водно и најавија дека е во план и изработка на нов урбанистички план за одредени делови од Водно.

Имено, неодамна, на средба прво со претставници од Општина Центар, а потоа и со градоначалникот Горан Герасимовски, жителите на улицата „Питу Гули“ реагираа на издаденото правосилно одобрение за градење индивидуален станбен објект (намена А0) во градежна парцела што се наоѓа на падината на Водно, непосредно над нивните објекти. Тие стравуваат дека поради издавањето на градежната дозвола за овој објект, ќе никнат и други, со што постои опасност да се урне целиот рид.

Додека жителите на средбата што се одржа во вечерните часови бараа помош од Општината да најде можност и начин како да се сопре оваа градба, инвеститорот утрината започна со околчување на плацот. По барање на жителите, инспектори од Општина Центар извршија увид на терен и утврдија дека инвеститорот „Маркеза“ ДООЕЛ не врши градежни дејства, туку се работи за оградување на плацот, кој е во негова приватна сопственост.

По овие средби, Советот на Општина Центар го задолжи градоначалникот Горан Герасимовски да побара вонреден инспекциски надзор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам на ДУП-от Ј 07. Жителите и натаму очекуваат да се изнајде решение.

(А.П.)