Општина Берово годинава без организирана прослава за дочекот на Нова година

52

Поради енергетската криза, Општина Берово скромно ќе го одбележи дочекот на Нова година. Како што информираа од Општината, на градскиот плоштад, ќе биде поставена новогодишната елка, а ќе бидат изоставени секаков вид светлечки реквизити, кои изминатите години го красеа центарот на градот за новогодишните празници.

-Поради моменталната енергетска криза и последиците од претходната пандемиска криза, предвиден е огномет со кој ќе се одбележи испраќањето на старата и доаѓањето на новата година, додека свечен дочек со пригодна програма не е предвиден. Во делот на уличното осветлување ќе на настојуваме да го промениме режимот за време на новогодишните, божиќните празници, но и целиот месец јануари, за да ја намалиме потрошувачката. Тоа нема да биде со целосно исклучување, туку со редуцирање на бројот на сијаличните места, кои за време на дочекот на Нова година и празниците е предвидено да светат цела вечер, информираа од Општината.

Ваквиот начин на функционирање, како што додаде градоначалникот Звонко Пекевски, се спроведува за да се покријат трошоците за осветлувањето.

-Во колку не го редуцираме уличното осветлување, тогаш ќе мора да скратиме дел од средствата од други програми како што се култура, социјална заштита и други да бидат редуцирани со цел да можеме да обезбедиме доволно средства за програмата со која се одржува и финансира уличното осветлување. Другото решение е да одиме со зголемување на цената на комуналната такса за улично осветлување, што е непопуларна мерка, а тоа ќе биде дополнителен удар по семејниот буџет, кој и така во овие услови е тежок, па така наш избор беше да одиме со редукција на струјата во ноќните часови каде драстично е намалена фреквенцијата на луѓето, додаде Пекевски.

Општина Берово е една од првите општини кои уште пред воведувањето на мерките на Владата, донесе одлука за ограничено јавно осветлување, со што после 01:30 часот се исклучува јавното осветлување, освен светилките на главните сообраќајници, каде редукцијата е делумна.