ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ добива нов изглед

82

Покрај тоа што се работи на реализација на над 25 улици во општината Ѓорче Петров, истовремено не изостанува и долгорочниот влог во образованието , она што е најважно за најмладите.

Од локалната самоуправа најавуваат дека се работи со полна пареа во општинските основни училишта, со цел подобрување на условите за работа на сите деца, но и за наставниот кадар.

-Имено, учениците во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ ќе добијат целосно нов изглед на ова училиште, досега непроменет со години ( децении). Изработена е целосна реконструкција на под на приземје на едно крило и влезна партија кое опфаќа: демонтажа на постоечка армирано бетонска постоечка плоча и демонтажа на постоечки под од терацо, изведба на нова армирано бетонска плоча, хидро изолација и монтажа на високо квалитетни гранитни плочки со вкупна квадратура од 360 квадратни метри – информираат од Општина Ѓорче Петров.

Оттаму додаваат дека изминатиов период се работело на реконструкција на постоечките санитарни јазли со вкупно 12 кабини, каде се поставува нова водоводна мрежа, нови санитарни школки, умивалници, подни и ѕидни плочки.

Со овој гадежен опфат се изведува и еден тоалет за лица со посебни потреби, целосно опремен и адаптиран за намената.

Завршена е обиколката од трите страни со обработка на енергетски ефикасна фасада со површина од 2.000 квадратни метри, а во завршна фаза е предната страна на фасадата од училиштето. Се работи и на втората вертикала во другиот коридор, а истите не беа досега изведувани поради безбедносни причини и лична хигиена во училиштето.

-Активностите на терен се со засилен интензитет во корист на учениците. Тоа е она што ме прави посебно горд, а изминатиов период во ова училиште направивме многу бидејќи навистина недостасуваше и долг период не беа направени никакви промени – истакна првиот човек на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој континуирано ги следи тековните градежни активности.

Тој додаде дека комплетно е сменет подот, се реконструираат тоалетите а во завршна фаза е и фасадата на училиштето која се замени за енергетски ефикасна.

-Задоволството во работењето е да се видат успешни проекти, а мотивацијата за работа е уште поголема кога се вложува долгорочно за најмладите жители на општината – потенцираше Стојкоски.

Проектот е финансиран од Министерство за образование и наука.

Општина Ѓорче Петров учествува со изведба на окапници по долж цела фасада и доработка на подни плочки.