Онлајн помоција на „Изброј ги ѕвездите“ од Лоис Лаури

58

Романот за деца „Изброј ги ѕвездите“ од авторката Лоис Лаури во кој се зборува за спасувањето на Евреите од Данска, прикажан преку личната приказна на едно еврејско семејство, ќе биде промовиран онлајн на 13 јули во 19 часот, а настанот ќе може да се проследи на „Фејсбук“ страницата „Литература.мк“.

Книгата е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

На промоцијата ќе се обратат Бисера Бендевска и Жаклина Мучева од Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Мартина Димовска, пак, ќе прочита извадоци од романот, во кој дејството го води 10-годишната Анемари Јохансен која со своите родители и помалата сестра живее во Копенхаген во екот на Втората светска војна.

„Изброј ги ѕвездите“ е роман за хероизмот на една цела држава и нејзината нација која застанува во одбрана на своите сограѓани Евреи, ковајќи план да го прошверцува преку море до Шведска целото еврејско население од Данска (речиси седум илјади луѓе). „Оваа емотивна и сериозна приказна раскажана од дете на само десет години е доказ за големината на детските воени сведоштва, за нивната храброст и сочувство. Во новелата „Изброј ги ѕвездите“ децата не се само воени жртви или сведоци, тие се доверливи, истрајни и одговорни учесници во дејствијата на возрасните“, објаснува Мучева.

Лоис Лори е американска писателка од Хаваи и има објавено повеќе дела за деца и за тинејџери.