Олга Панго: Македонскиот балет има што да покаже – изложба и гала-балетски концерт за јубилејот

448

„Како национална установа го негуваме класичниот, железниот, репертоар, правиме помали едночинки, детски претстави и современи модерни претстави и настојуваме да одиме рамо до рамо со другите театри во Европа“, вели уметничкиот директор Олга Панго во пресрет на вечерашното свечено одбележување на 70 години постоење на оваа национална установа. Вечерва (14 декември) јубилејот ќе биде одбележан со изложбата „Живот во движење“, посветена на  Македонскиот балет (19 часот) и гала-балетски концерт (20 часот)

„Приказната за Македонскиот балет почна пред 70 години од една група ентузијасти. Ние денеска, исто така, сме ентузијасти кои сакаме да ја продолжиме оваа приказна, да ја подигнеме на еден повисок пиедестал и да бидеме интересни не само за публиката туку и за младите кои ќе се одлучат за оваа професија. Со бројни претстави и добра продукција, Македонскиот балет има што да покаже“, истакнува уметничкиот директор Олга Панго, во пресрет на свеченото одбележување на јубилејот, 70 години постоење на оваа национална установа.

Вечерва (14 декември) во Македонската опера и балет, токму по овој повод ќе биде отворена изложбата „Живот во движење“, посветена на Македонскиот балет (19 часот) и гала-балетски концерт кој што ќе се состои од  класичен и модерен балет со учество на сите првенци на Балетот и целиот балетски ансамбл, како и гости од Берлинскиот балет, од Хрватска и од Словенија.

Панго посочува дека чествувањето седум децении постоење на Балетот траеше во целата 2019, а вечерашниот концерт е заокружување и круна на настаните од јубилејната година.

На прашањето на весникот „Вечер“ за предизвиците со кои Македонскиот балет денеска се среќава во однос на програмата и работата, Панго посочува: “Како национална установа го негуваме класичниот железниот репертоар, правиме помали едночинки, детски претстави и современи модерни претстави и настојуваме да одиме рамо до рамо со другите театри во Европа. Сепак, програмата не зависи само од нас, бидејќи постојат многу различни услови по ова прашање. Ние сме целосно подржани од Министерството за култура и согласно буџетот ја правиме и репертоарната политика по однос на премиери, по однос на гостите, но и како педагози и кореографи. Во однос на светските имиња се обидуваме да направиме максимум и да го следиме светскиот тренд“.

Таа исто така истакнува дека во Балетот поради поместувањето на границите за стаж има повеќе повозрасни колеги кои не можат во целост да одговорат на задачите. Сепак, додава дека годинава се вработени повеќе млади балетски уметници, а се очекува овој тренд на вработувања да продолжи.

„Имаме фидбек од Министерството кое ни дава поддршка да напредуваме. Така и странците кои доаѓаат да работат кај нас добиваат договори на една година и се финансирани од државата, што е олеснителна околност, особено во однос на дефицитарниот машки кадар“, додава Панго.

Инаку, работата на Балетот почнала на 27 јануари 1949 со премиера „Валпургиска ноќ“ од операта „Фауст“ на Шарл Гуно во кореографија на Ѓорѓи Македонски, основоположник на балетскиот ансамбл. На 30 декември 1949, пак, бил изведен и првиот целовечерен балет „Бахчисарајска фонтана“ од Борис Асафјев, повторно во кореографија на Ѓорѓи Македонски и со првата генерација македонски балетски уметници. (Д.Т.)

Целата историја на македонскиот Балет преку изложба

Изложбата „Живот во движење“, ќе го прикаже седумдеценискиот развој на македонскиот Балет. “Целта на изложбата е да се прикаже продукцијата на македонскиот Балет во седумте декади и заедништвото во балетскиот ансамбл, сите што оставиле трага и поради кои ние денес сме тоа што сме“, истакнува Наташа Јосифовска, која ја реализираше идејата за оваа изложба.

Изложбата е конципирана во седум дела и секој е историјата за премиерите во одделна декада, со фотографии од уметниците и од изведбите, каталози, костими и костимографски скици за претставите и 19 оригинални плакати за балетски премиери, меѓу кои и за првата, „Валпургиска ноќ“, стар 70 години… Изложбата во НОБ ќе биде поставена два месеца.

Гала концертот, пак, е во режија на Олга Панго и Дејан Прошев, а публиката ќе има можност да види разни балетски кореографии во изведба на македонските балетски солисти.