Претставата „Одисеј“, чиј текст беше напишан од големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, а режиран од Александар Поповски, остави силен впечаток врз публиката која до последно место го исполни амфитеатарот. Актерите, пак, од овој копродукциски проект на „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје, претходно ги откажаа нивните театарски ангажмани за да бидат дел од оваа претстава. Тие на сцената покажаа врвна актерска игра, позитивна енергија и истовремено пренесоа силни пораки

Со маестралната изведба на театарската претстава „Одисеј“, во режија на Александар Поповски, завчеравечер во Античкиот театар во Охрид, беше спуштена завесата на 59. издание на нашата најголема културна манифестација „Охридско лето“.

Претставата, чиј текст беше напишан од големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, остави силен впечаток врз публиката која до последно место го исполни амфитеатарот. Актерите, пак, од овој копродукциски проект на „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје, кои се претставија во најдобро светло, претходно ги откажаа нивните театарски ангажмани за да бидат дел од оваа претстава. Тие на сцената покажаа врвна актерска игра, позитивна енергија и истовремено пренесоа силни пораки.

„Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид, и тука, на своевиден начин, тој да ја најде својата Итака. „Охридско лето“ е нов почеток на едно ново Одисеево патување“, вели режисерот Поповски.

Загрепскиот актер Озрен Грабариќ, кој публиката го виде во главната улогата на Одисеј во пресрет на претставата истакна „Во текстот на Горан има една реченицата дека „Итака никогаш не била цел за себе туку целта било самото патување“. Затоа ми се чини логично и убаво и Горан и „Одисеј“ и оваа дива „хорда“ да продолжи да патува и понатаму. Верувам дека и во иднина ќе има такви излети“, порача Грабариќ.

За актерот Никола Ристановски кој во претставата „Одисеј“  ја толкува улогата на пејачот Тиресиј пристигнувањето на оваа претстава во Македонија по седум години, е своевидна симболика на затворање на еден циклус, тема која зборува за враќањето на еден човек дома.

„Во таа смисла недвојбено Горан Стефановски е најважниот дел од цела таа приказна. Физички и метафизички Горан е меѓу нас тука, и сето тоа што би имал да го кажам на оваа тема тоа го кажува самата претстава, а на публиката оставам да ги донесе сите други заклучоци, впечатоци, доживувања“, истакна  Ристановски пред претставата.

Режисерот Поповски и драматургот Дора Делбијанко препознаа во текстот на Стефановски простор за иронично отстапување од митот, за пародијата, фарсата, па дури и бурлеската. „Одисеј“ е еден вид потсмев на Одисеј, кој го иронизира трагичниот пиедестал, а истовремено ја задржува и драмската тензија, полемизирајќи притоа за темите на војната, геноцидот, силувањата на жени во војна, поствоениот хаос и цивилизациската пропаст како последица на воените пустошења.

Годинешната драмска програма на фестивалот „Охридско лето“ беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски, кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма. Неговите драми имаа нешто заедничко, преку трагедијата на едно семејство, авторот ни ја предава историјата на македонскиот народ, со своите болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре.

Охридско лето запиша уште едно успешно фестивалско издание во богатата фестивалска историја, изјави денеска на завршната прес-конференција од годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ , директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ.

Како што рече Поповиќ, на фестивалските сцени годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма.