Од Кина во Зоолошка наредната недела пристигнуваат диносаурусите

2363

Четириесет и еден диносаурус наредната недела од производителот во Кина ќе пристигнат во скопската Зоолошка градина. Како што информираа од Зоолошка, макетите на диносаурусите ќе бидат во природна големина и ќе бидат монтирани во Дино паркот чија изградба е при крај во кругот на Зоолошка и на површина од околу 2.000 квадратни метри.

Оттаму информираат дека посетителите веќе од средината на септември ќе можат да видат Тираносаурус, Алосаурус, Стегосаурус, големи и мали диносауруси, како и мајки со бебиња кои синхронизирано ќе се движат, ќе трепкаат со очите и ќе дишат, но и испуштаат крици со цел да се долови како опстојувале овие праисториски животни на нашата планета. 

Дино паркот почна да се гради лани на 10 октомври и тогаш градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека ова ќе биде првиот Дино парк на Балканот во кој ќе има толкав број фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни.

– Токму поради тоа, очекуваме овој парк да прерасне во туристичка атракција која ќе ја збогати туристичката понуда во Скопје – тогаш истакна Шилегов. 

Во Дино паркот ќе се влегува од две места. Едниот влез е главниот влез за во Зоолошка, а вториот е од кај бараките на Град Скопје. Влезницата само за посета на Дино паркот ќе изнесува 50 денари.

Финансиер на овој проект е Град Скопје кој за оваа намена од градската каса издвои 325 илјади евра.   (С.Бл.)

Posted by Петре Шилегов on Tuesday, August 11, 2020