Објектот Јасмин ќе добие енергетско-ефикасна фасада

29

Општина Центар ќе постави термоизолација на фасадата на градинката „13 Ноември“ – објект Јасмин. Средствата од 2,5 милиони денари се добиени од Министерството за животна средина.

За таа цел, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, го потпиша договорот за доделување на средствата остварени по основ на надоместок за производство на енергија од фосилни горива како наменски дотации. Со договорот, Општина Центар од министерството доби на располагање вкупно 2.857.657 денари, кои ќе бидат искористени за активности од програмата за зашитата на животната средина на општината. Од средствата, 357.657 денари ќе бидат искористени за изработка на Програма за енергетска ефикасност на Општина Центар за периодот од 2021-2024 година.

Како што велат од Општина Центар активно работат на заштитата на животната средина, што е евидентно од зачуваните над 14.000 квадратни метри урбано зеленило со донесувањето на новите девет Детални урбанистички планови, како и задолжителната обврска за 20 проценти зеленило во секоја нова градежна парцела.

– Покрај урбаното зеленило, во изминатите три години се заменети вкупно 77 оштетени лифтови и покриви, а во подготовка е и проектна документација за поставување на фотоволтаици во сите основни училишта во општината, со што, значително ќе се намалат сметките за струја и греење во зимските месеци -истакнаа од локалната самоуправа.

Досега енергетски ефикасни фасади и покриви, покрај новото ООУ „Киро Глигоров“, се поставени во основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Гоце Делчев“, но и во детските градинки „Р.Ј. Корчагин“ – објект Пепелашка, кој беше целосно реконструиран во соработка со Проектната единица на Министерство за финансии и МСИП проектот, финансиран преку Светската банка.

– Заложбите за намалување на загадувањето на воздухот, паметното користење и заштеда на енергија, вклучително и заштитата на животната средина, се видливи од секојдневните активности на општината поврзани со одржувањето на хигиената на уличната мрежа, но и со замената на оштетеното и исушено парковско зеленило, кое е под општинска надлежност – потенцираат од Општина Центар.