Обучени 25-мина оџачари, на последниот повик на Град Скопје пријавени само шестмина

39

Досега се обучени само 25-мина оџачари, а на последниот јавен повик за обука, распишан од Град Скопје, биле пријавени само шестмина кандидати. За нив обуката е во тек, со што вкупниот број би се искачил на 31. Ова се податоците од Град Скопје, дали има соодветен број стручни лица кои би реагирале во случај да се јави проблем со оџаците, со оглед на тоа дека, според најавите, нè очекува најтешката зима во изминатите години и дека ќе се гори секаков запалив материјал за да се загреат домовите.

– Од Град Скопје годинава, во соработка со збратимениот град Нирнберг, финансиски поддржан од Министерството за економска соработка и развој на Сојузна Република Германија, во тек е дополнителна обука на шестмина кандидати за оџачари во СУГС „Здравко Цветковски” во Скопје и пракса во соработка со искусни оџачари од Германија. Во последните две недели од ноември се спроведува пракса во Центарот за обука на оџачари во Милбах, Германија, по што ќе следува пракса на терен, преку споделување искуства од оџачарски претпријатија во Херсбрук, Германија – информираат од Град Скопје.

Токму поради тоа што се бараат алтернативни начини за затоплување на домовите поради енергетската криза, односно недостигот на енергенси и нивната висока цена и поради несоодветно исчистените оџаци, од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје очекуваат зголемување на бројот на интервенции на затворен простор.

Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, потенцира да не се импровизира, да се внимава при ракувањето со печките за греење и навреме да се исчистат оџаците.

– Сè уште има благи временски услови и немаме интензивно греење на домовите, но очекуваме дека ќе има зголемување на бројот на интервенции, особено при пожари на ложишта и димоводни канали – вели Томески.

Тој апелира навреме, додека сè уште не е интензивно загревањето на домовите, да се исчистат димоводните канали и да не се оставаат запаливи материи и непотребна количина огревен материјал околу печката за греење.

Инаку, бројот на интервенции на Противпожарната служба во главниот град засега се движи во рамки на годишниот просек (1.200 на годишно ниво), но забележливо е зголемување на бројот на пожарите на затворен простор, кои, како што посочува Томески, опфаќаат повеќе од две третини од вкупниот број пожари.

– Во 99 проценти од случаите, причина за пожарите е човечкиот фактор. Апелираме што е можно поскоро, да се отстранат сите недостатоци, бидејќи поради енергетската криза, очекуваме грејна сезона во која ќе се гори сè и сешто. Луѓето ќе се обидуваат да се затоплат – вели Томески.