Норвешката ракометна репрезентација конечно го скрши малерот и по пауза од 25 години извојува победа над Шпанија. Скандинавците од 1997 година не знаеја за триумф над актуелниот европски шампион и на 19-те меѓусебни средби беа поразени, но вечерва го одиграа можеби најдобриот натпревар на Европското првенство во Унгарија и Словачка и со победата од 27:23 значително ги зголемија шансите за пласман во полуфиналето. Исто така, ова беше прв пораз на Шпанија на еден континентален собир по цели 17 натпревари.

Шведска славеше во доста важен дуел против Германија (21:25) и така „трите круни“ останаа во игра за полуфинале на шампионатот

Полска беше блиску до првата победа во главната рунда на Европското првенство. Избраниците на Патрик Ромбел, пропуштија голема можност и ремизираа против Русија (29:29).

Херој на мечот беше Сергеј Косоротов, кој погоди со звукот на сирената од преку петнаесет метри за конечна поделба на бодовите. Претходно Александр Ермаков, заработи црвен картон, но и бројчаната предност не беше доволна за прво славје во втората фаза од турнирот за полските репрезентативци.