Новата РБСМ, бивша МБПР, нема да може да ú дава заеми и гаранции на државата

Како што појаснуваат од Министерството за финансии оваа измена се врши поради усогласување со Амандманот 33 од Уставот на Република Северна Македонија заради што и се менува името во Развојна банка на Северна Македонија (РБСМ)

197

Министерството за финансии го изготви Предлогот на законот за изменување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот(МБПР), со кој оваа банка, која е единствена во државна сопственост, го менува името во Развојна банка на Северна Македонија (РБСМ).

Како што е појаснето, оваа измена се врши поради усогласување со Амандманот 33 од Уставот на Република Северна Македонија.

Освен името на банката, се менува и името на државата, од Република Македонија во Република Северна Македонија, секаде каде што е споменато во текстот на законот.

Инаку, со Законот за Македонската банка за поддршка на развојот се уредуваат целите, задачите, активностите, работењето и организацијата на таа банка, која е единствена во државна сопственост.

Со оваа интервенција, освен усогласувањето со Уставот, се задира и во нејзините надлежности, па се предлага нов член два, кој гласи:

-Република Северна Македонија може да го зголемува почетниот капитал на РБСМ со уплата на средства од Буџетот на Република Северна Македонија, како и од други средства на Република Северна Македонија врз основа на одлука на Владата на Република Северна Македонија. Зголемувањето се врши со соодветно зголемување на бројот на акциите на РБСМ“.

Се менува и членот 4 и со таа измена идната Развојна банка нема да може да и одобрува кредити или да ú издава гаранции и други форми на обезбедување на Република Северна Македонија и на буџетските корисници и единките корисници на средства од Буџетот на државата.

Неодамна оваа банка доби и нов директор. Нејзин прв човек кој дојде на местото на Кире Колемишевски сега е министерот за финансиски во владата на Бранко Црвенковски, Никола Поповски.

Исто така, уште пред еден месец, распишан е и конкурс за ново лого на банката. (С.В.)